Трипуновски вели дека во тек е и регистрацијата на онлајн платформата makedonskonajdobro.mk, преку која производителите ќе можат да ги промовираат своите производи, а потрошувачите ќе имаат увид во локациите на продажните места

Маркетите низ земјава веќе треба да ги поставуваат специјалните ознаки за македонски производи, со цел граѓаните полесно да ги разликуваат од увозните. Ова е дел од владината кампања „Македонско најдобро: Наша традиција, наша гордост“, која има за цел да го поддржи домашното производство и да ја подигне свеста за неговиот квалитет.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, денеска информира дека во тек е и регистрацијата на онлајн платформата makedonskonajdobro.mk. Преку неа, производителите ќе можат да ги промовираат своите производи, а потрошувачите ќе имаат увид во локациите на продажните места.
Според министерот, договорите со маркетите се во завршна фаза и се очекува ознаките да бидат поставени на полиците во наредните денови.
„Кампањата веќе почна, интензивно се делат информативните материјали, а целта е да има јасна видливост на тоа што значи домашно производство, а што производство од увоз. Имаме квалитетни производи кои треба да бидат видливи за нашите потрошувачи. Со означувачите граѓаните ќе можат да направат избор“,
изјави Трипуновски.
На платформата makedonskonajdobro.mk може да се регистрираат земјоделци и земјоделски здруженија, преработувачи и мали домашни производители и продажни објекти, маркети, трговци со овошје и зеленчук и трговци кои нудат домашни производи.
Платформата нуди мапа „Каде да купам“, која со помош на геолокација ги наоѓа најблиските продажни места за домашни производи.
Исто така, министерот најави дека наскоро ќе биде објавена и мобилна апликација, која дополнително ќе го олесни пристапот до овие информации за потрошувачите.
Целта на оваа иницијатива, како што посочи Трипуновски, е да се зајакне домашната економија и да се поттикне купувањето локални производи.