Сопственикот на порталот „Доказ“, Марјан Стаменковски, денеска од притвор повторно е пренесен в болница. Информацијата за „360 степени“ ја потврди директорот на затворот во Шуто Оризари, Филип Андов.
„Денеска околу 11 часот Стаменковски пак се пожалил на болки, иако прима терапија по вчерашниот ден. Брзата помош одлучи дека повторно треба да се транспортира, по што е префрлен во Градската болница ‘8 Септември’“,
вели Андов.
Вторпат викендов Стаменковски од притвор оди во болница. Ноќта во петок кон сабота тој беше транспортиран на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ откако претходно се пожалил на тегоби, а Брзата помош и тогаш проценила дека треба да оди во болница.
На негово барање, вчера беше вратен во притвор, каде што денеска повторно се пожалил на здравствената состојба.

Инаку, Стаменковски е во притвор по обвинението против него за серија кривични дела, од кои две за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, и по едно уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба на лични податоци.
Кривичните пријави му ги поднесоа лица што биле жртви на текстовите објавени на неговиот портал, преку кои се ширела омраза, ксенофибичен и расистички материјал, како и лице што било уценувано да му даде пари или, во спротивно, ќе објави информации со кои ќе му го наруши угледот.
Стаменковски беше приведен на 9 февруари годинава и му беше одреден притвор, а во неговиот дом имаше претрес и беа одземени документација, мобилни телефони и други електронски уреди кои сè уште се вештачат, како и поголема сума пари. Надлежните се сомневаат дека може да се пронајдат докази и за други кривични дела, па не се исклучува можноста да има продолжение на овој случај.
*ПОВРЗАНА ВЕСТ: Марјан Стаменковски од „Доказ“ не признава вина, одбраната вели дека тоа што го прави е само вербален деликт