По повод триесет години од членството на Северна Македонија во Организацијата на обединетите нации (ООН), вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на Фејсбук напиша дека оваа генерација има обврска да ја заокружи македонската интеграција во Европската Унија.
„Денес одбележуваме три децении членство во Обединетите нации како држава членка на НАТО и земја која ги започна преговорите со Европската Унија. Тоа и нè обврзува да ја задржиме динамиката на евроинтеграциите и да ја завршиме македонската интеграција во големото европско семејство“,
стои во објавата на вицепремиерот.

Маричиќ истакна дека со заложбата за подобар свет во кој владеат стабилноста, солидарноста, толеранцијата и еднаквоста, С Македонија е пример за дипломатија и дијалог
„Триесет години сме етаблирана држава на меѓународната сцена, со признаена култура, посебност и идентитет. Остануваме посветени на нашите клучни цели и вредностите на Обединетите нации, како одржувањето на меѓународниот мир и безбедност, унапредување на човековите права, зајакнување на социјалниот и економскиот развој“,
вели Маричиќ.
Вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ пишува дека со говорот во ООН во 1993, тогашниот претседател Глигоров ги зацрта стратегиските цели и приоритети на државата и побара сите „заеднички да застанеме пред предизвиците и да ги направиме можност за брзо да напредуваме во преговорите со ЕУ, а Северна Македонија да ја направиме рамноправен партнер со земјите членки на ЕУ“.