Во однос на тоа дали досегашната историска комисија ќе се најде во новата рамка, Маричиќ рече дека иако сѐ уште не е разговарано, според него, таа ќе продолжи да функционира бидејќи е дел во Договорот за пријателство од 2017 година
Министерот Бојан Маричиќ, кој во новата влада ќе биде вицепремиер за европски прашања, смета дека утрешната посета на бугарскиот премиер Кирил Петков е добар знак и добар сигнал за отворање нов процес, бидејќи од двете страни на границата, како што рече, има нови влади на кои треба да им се даде шанса да ги извлечат научените лекции од досегашниот тек на процесот, како и да ги забрзаат напорите за решавање на отворените прашања.

„Во однос на временската рамка не мислам дека е корисно ниту за граѓаните, ниту за процесот да се споменуваат временски рамки зашто тоа досега не ни донесе успех. Но, исто така тоа не значи дека треба и да нема некоја динамика на функционирање, на работа. Мислам дека утрешната посета ќе биде добра за воспоставување на динамиката во која што ќе се формираат и ќе работат и работните групи и двете влади на изнаоѓање на решенија на отворените прашања“,
рече Маричиќ одговарајќи на новинарски прашања на денешната заедничка прес-конференција со германската министерка за Европа, Ана Лирман.
За нас е, дополни Маричиќ, многу важно да влеземе во процесот суштински, искрено и со добра волја.
„Доколку така влеземе и двете страни, верувам дека ќе можеме да најдеме динамика што ќе ја тргне блокадата. Кога тоа точно ќе биде, тоа никој однапред не може да каже, но мислам дека треба да биде што побрзо, бидејќи доволно време изгубивме досега. Лицитирање со датуми мислам дека воопшто не би било корисно“,
истакна Маричиќ.
Во однос на тоа дали досегашната историска комисија ќе се најде во новата рамка, Маричиќ рече дека иако сѐ уште не е разговарано, според него, таа ќе продолжи да функционира бидејќи е дел во Договорот за пријателство од 2017 година.
„Работните групи и историската комисија, сето што е досега направено ќе бидат вградени во новата рамка. Би се формирале повеќе комисии и тоа значи повеќе актери, но мислам дека во однос на историската комисија, иако не сме разговарале уште за тоа, ќе продолжи да функционира. Таа е дел од Договорот во 2017 година. Се што е направено и сите кои биле вклучени ќе продолжат да бидат дел, но ќе има и нови. Битно е процесот да продолжи и да биде искрен и пријателски за да се изнајде решение“,
рече Маричиќ одговарајќи на новинарско прашање.