Министерот нагласува дека појавувањето пред затвор и барање да се види со затвореник е надвор од сите процедури односно дека работа на судот е да даде одобрение за посета
Многу врева за ништо, вели министерот за правда Бојан Маричиќ за посетата на поранешниот еврокомесар за верски права Јан Фигел на обвинетиот бизнисмен Орце Камчев во затворот во Шуто Оризари и за тоа што претходно, како што јавија дел од медиумите, не успеал да добие дозвола за посета.
Во гостувањето на „Утрински брифинг“, Маричиќ рече дека приказната е пренапумпана и нагласи оти на Фигел сите функции му се истечени, односно дека посетата била на приватна иницијатива.
„Многу врева за ништо, има една драма од Шекспир. Мислам дека целата таа приказна е пренапумпана во јавноста веројатно со некаква цел. Средбата на Фигел со Орце Камчев е на барање на адвокатот на Камчев. Побарано е пред два дена од судот, а потоа се појави пред затворот и побара да се види со Орце Камчев. Бев известен, побаравме информации од Европската комисија и од словачката амбасада, нему сите функции му се веќе одминати. Се работи за приватна иницијатива и од судот имале дилема дали во моментов има некаква функција. Проверено е и утврдено е дека нема функција. Немаше одобрение од судот во одредено време, потоа е дозволено. Ниту јас ниту еврокомесарот Вархеји не сме ургирале кај никого за да се случи или да не се случи посетата, тоа се шпекулации“,
вели Маричиќ за „Утрински брифинг“.
Министерот нагласува дека појавувањето пред затвор и барање да се види со затвореник е надвор од сите процедури односно дека работа на судот е да даде одобрение за посета. Тој нагласува и оти никому ништо не му било забрането, посочувајќи пример дека пред неколку месеци Камчев барал посета од Хелсиншкиот комитет за човекови права и тоа му било одобрено.