Доволно материјали се предадени на обвинителството во врска случајот „Јавна соба“, сега тие треба по судски пат да го расчистат овој случај, вели министерот за правда, Бојан Маричиќ.
Тој во изјава за Телевизија 24, вели дека институциите интервенирале за затворање на групата, но сега случајот е во рацете на обвинителството и судовите кои треба да постапат. Маричиќ најави дека ќе се менуваат закони за да има поголема безбедност за жртвите како оние од „Јавна соба“, но и построги казни.
„Сега е на потег обвинителството, да го расчисти овој случај по судски пат, има доволно материјали кои се предадени во обвинителството. Ние како институции кои ги предлагаме регулативите, oна што може сега да го направиме и го правиме е веќе внесување на предлог-измени во Кривичниот законик. Сите овие прашања се покриени и во Истанбулската конвенција и врз основа на нејзина имплементација внесуваме нови кривични дела како што се ‘демнење’ и ‘полово вознемирување“,
рече Маричиќ.
Владата веќе најави дека во новата работна верзија на Кривичниот законик се додава нов член 144А кој ќе предвидува „демнење“.
Со овој член ќе се предвидува парична казна или затвор до три години за оној што истрајно и за подолго време неовластено ќе следи, прогонува или на друг начин се меша во личниот живот на друг, или со него воспоставува или настојува да воспостави од него несакан контакт со движење во просторот каде се наоѓа тоа лице.
Доплнително во членот ќе бидат опфатени и злоупотребата на лични податоци преку телекомуникациски или други средства за комуникација каде психички се вознемирува, застрашува и со тоа ќе предизвика чувство на несигурност кај одредено лице или ја нарушува сигурноста на нему блиско лице.