Во коментар за изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека е добро е што се формираат работни групи и меморандуми во однос на инфраструктурата и економија, но меѓутоа „прво треба да се решат оние тешки политички клучни прашања“, Маричиќ рече дека ние не бегаме од отворени прашања меѓутоа не можеме да дозволиме односи меѓу Северна Македонија и Бугарија да се темелат само на тие прашања

Не е добро да се лицитира со временски рокови околу барањето за вклучување на бугарското малцинство во Уставот на Република Северна Македонија. Утврдување и јавно искажување на какви било временски рокови до сега воопшто не ни помогнаа во разговорите.
Ова одговарајќи на новинарско прашање денеска го изјави вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, порачувајќи дека нашиот став е впишувањето на други заедници во Уставот да биде пред влезот во ЕУ.
„Ние, нашата Влада, повеќе пати јавно истакнавме дека поради нашиот концепт на Уставот утврден уште во 2001 со Охридскиот рамковен договор, немаме проблем да ги впишеме во нашиот Устав и други заедници коишто досега не се вклучени, како хрватската заедница, и црногорската, и бугарската заедница. Така што, постои јасна политичка волја за тоа. Нашиот став е дека тоа треба да се направи пред нашето влегување во ЕУ. Останува во наредниот период во разговор и отворен дијалог со Бугарија да најдеме и начин, меѓутоа и временски рок којшто ќе биде најсоодветен за тоа“,
рече вицепремиерот.
Маричиќ кажа дека сега со Бугарија сме сè уште во фаза во којашто ги изнесуваме позициите и од едната и од другата страна односно фаза во која се бараат начини како отворените прашања да се решат и да се стават во еден план којшто ќе доведе до подобрување на односите и отстранување на пречките за почеток на преговорите.
Во коментар за изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека е добро е што се формираат работни групи и меморандуми во однос на инфраструктурата и економија, но меѓутоа „прво треба да се решат оние тешки политички клучни прашања“, Маричиќ рече дека ние не бегаме од отворени прашања меѓутоа не можеме да дозволиме односи меѓу Северна Македонија и Бугарија да се темелат само на тие прашања.
„Сметаме дека има потенцијал во многу други области, впрочем затоа се формираа и овие работни групи каде што може преку конкретни форми на соработка да се покажат резултати, да се приближат граѓаните, да се смени атмосферата за да можеме да ги решаваме сите отворени прашања, вклучувајќи ги и овие, но во никој случај, ниту на средбите, ниту во нив не сме ги избегнувале отворените прашања“,
истакна вицепремиерот.
Маричиќ изјавите ги даде одговарајќи на новинарски прашања на маргините на денешната конференцијата БГМК2030 „Граѓански придонес во градење на доверба, заедништво и сојузништво“ во организација на од Renew Europe и Американски Универзитет на Европа – ФОН.
„Овој денешен настан, денешнава конференција ја гледам како еден од серијата настани коишто се случуваат последниве две недели и коишто придонесуваат за таа позитивна енергија, добра волја, да добие и конкретен израз меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. Не е доволно само државните институции и политичарите да прават напори, многу е важно и интелектуалците, универзитетите и сите останати општествени чинители, да дадат свој придонес. И во таа смисла, навистина го поздравувам овој настан и мислам дека има голем ефект и ќе има голем ефект доколку се продолжи во овој серијал“,
рече Маричиќ.