Од ВМРО-ДПМНЕ кога разговараат со амбасадори ветуваат дека Уставот ќе биде променет во моментот кога тие ќе дојдат на власт, рече вицепремиерот Маричиќ, а на тоа доби одговор од ВМРО-ДПМНЕ од каде што велат оти лагата дека власта има мнозинство за уставните измени се распрскува како меур од сапуница

Доколку за ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив предлогот, што и премиерот Димитар Ковачевски неколкупати го даде на лидерската средба во Собранието – прво да ги гласаме уставните измени, а потоа да одиме на избори – ние сме за. Не сакаме тој товар да го оставиме на граѓаните и со национализам да ја оптеретува изборната кампања, рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во емисијата „Студио 10“ на Телевизија 24.
„Од ВМРО-ДПМНЕ кога разговараат со амбасадори ветуваат дека Уставот ќе биде променет во моментот кога тие ќе дојдат на власт. Бидејќи им се брза и за избори, еве нашиот предлог е веднаш да ја завршиме таа обврска, па потоа нека ценат граѓаните кој бил искрен и кој за што се залагал“,
рече Маричиќ.
Осврнувајќи се на барањето на Христијан Мицкоски за предвремени избори, Маричиќ посочи дека тоа е негов единствен начин на политичко дејствување, наменет за внатрепартиска употреба.
„Постојаната алузија на Мицкоски дека нема мнозинство и дека ќе има ново мнозинство или, пак, предвремени избори е всушност само празна реторика за држење на своите поддржувачи на куп и давање надеж дека ќе има брзо избори. И самиот е свесен, и самиот се демантираше дека наводно никогаш тој не рекол дека ќе има предвремени избори, а само за тоа зборуваат во Собрание“,
рече Маричиќ и додаде дека изборите ќе бидат редовни, кон средината на следната година.
Маричиќ истакна дека европскиот фронт има за цел да го забрза процесот на евроинтеграција и спроведување на потребните измени на Уставот.
„Нашата цел е сите политички субјекти кои што го поддржуваат европскиот пат искрено да застанат на едно место и на една страна и јас сум сигурен дека тоа е мнозинството и дека тоа ќе нè доведе во ситуација да формираме Влада и по наредните избори. Тоа не е европски фронт против никого, тоа е европски фронт за обезбедување на нашата европска иднина. Мислам дека не можете да говорите, како што тоа го прави ВМРО-ДПМНЕ, за Левица не коментирам бидејќи тие се отворено против ЕУ и НАТО, а ВМРО-ДПМНЕ говори номинално дека е за ЕУ, меѓутоа кога доаѓа момент да се даде поддршка крупни, клучни и тешки политички одлуки никогаш не се реално за“,
посочи Маричиќ.
Тој посочи дека многумина изборната година ја сметаат за изгубена година и затоа, како што рече, „ние се трудевме да не дојде до предвремени избори во овој мандат“.
На изјавата на Маричиќ со соопштение одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Маричиќ наместо да продава демагогии време е да почне да се занимава со реалната политика и вистинските проблеми на граѓаните. Едно е јасно, лагата дека власта има мнозинство за уставните измени се распрснува како меур од сапуница. Залудна им е кампањата дека оваа власт претставува некаков европски фронт, оваа власт е репрезент на криминалот и корупцијата“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека овој парламентарен состав нема мандат да одлучува за уставни измени.
„Единственото решение се брзи избори на кои граѓаните ќе одлучуваат за се во оваа држава, вклучувајќи ги и уставните измени. Маричиќ треба да е свесен дека уште многу малку ќе ужива во својата бифтек-политика“,
се додава во соопштението.