Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, изјави дека скрининг процесот на земјава со Европската Унија би требало да заврши во ноември 2023 година, согласно календарот презентиран во Брисел. На прес-конференција, тој денеска во детали го објаснуваше процесот како и временската рамка во која треба да завршат поединечни обврски.
На стартот, Маричиќ објасни дека скринигот во суштина е анализа на состојбата во земјата во однос на усогласеноста на домашното законодавство со она на ЕУ. Тоа е операција, додаде, која дава јасен увид и јасен преглед што треба да направиме.

„Овој процес се состои од две фази. Објаснувачки скрининг, кога ЕУ ги презентира клучните правни акти, и билатерален скрининг кога ние го презентираме степенот на усогласеност на националното законодавство, но и институционалните капацитети и спроведување на законоте“,
изјави Маричиќ.

Скринингот, објасни Маричиќ, ќе се одвива на ниво на кластери кои во моментов се шест на број. Временската рамка за објаснувачкиот скрининг почнува во септември годинава. Олеснителна околност, објасни вицепремиерот, е што земјата веќе има поминато дел од објаснувачките активности во 2018 и 2019 година, по старата методологија. Во тој период биле презентирани околу 8 000 акти, а во процесот биле вклучени околу 2 000 лица од администрацијата, што според Маричиќ ќе го забрза процесот сега.
Според Маричиќ, 45% од законодавството на Северна Македонија веќе е усогласено со законодавството со ЕУ.