Низ дискусијата што се развила на состанокот делегатите го потврдиле прогресот на нашата земја и изразиле верување дека Северна Македонија ќе слушне убава вест на претстојниот јунски Самит, додаваат од Секретаријатот за европски прашања
Не смееме да го изгубиме овој моментум за почеток на преговорите на ЕУ со Северна Македонија, изјави денеска во Брисел вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на брифинг со претставниците на Работната група при Советот на ЕУ за Западен Балкан/проширување (КОВЕБ/КОЕЛА), каде што информира за процесот на европската интеграција на земјата, за динамика на имплементација на предвидените реформи и посветеноста на Владата во нивна реализација, особено во клучните области на владеење на правото, реформата на јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупцијата, соопшти Секретаријатот за европски прашања.
„Наша стратешка цел останува членството во ЕУ, со целосна посветеност на реформите што ги спроведуваме на тој пат за трансформација на општеството во согласност со стандардите на развиените демократии на ЕУ, за подобар животен стандард за нашите граѓани, што всушност е целта на овој процес и членството во ЕУ“,
рече вицепремиерот Маричиќ на брифингот, со барање за валоризација на веќе постигнато во делот на европската реформска агенда.
На брифингот присуствуваа делегати од сите земји членки на Советот на ЕУ, како и претставници на Генералниот директорат за проширување и Европската служба за надворешно дејствување, што, како што се вели во соопштението од СЕП, е доказ за интересот за македонската европска перспектива, но и доказ за посветеноста на ЕУ на процесот на проширување.
Низ дискусијата што се развила на состанокот делегатите го потврдиле прогресот на нашата земја и изразиле верување дека Северна Македонија ќе слушне убава вест на претстојниот јунски Самит, додаваат од Секретаријатот за европски прашања.
Вицепремиерот Маричиќ, кој престојува во посетата на Брисел, во текот на денешниот ден ќе оствари тет-а-тет средба со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, а ќе се сретне и со координаторот на Европската Комисија за Северна Македонија, Марк Јорна.