Шведската министерка за ЕУ и нордиска соработка Јесика Росвал посочила оти Шведска ќе продолжи да ја поддржува земјава на нејзиниот евроинтеграциски пат, но дека на нас е да ги спроведеме домашните задачи и обврски што произлегуваат од преговарачката рамка, со заеднички консензус околу прашањето за европската перспектива на земјата
Северна Македонија треба да го искористи политичкиот моментум за проширување на Европската Унија и да направи нов исчекор кон неа оти е потребно да се задржи на европскиот пат.
За ова на денешната заедничка средба се согласиле вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и шведската министерка за ЕУ и нордиска соработка Јесика Росвал, која е во посета на земјава.

Соговорниците оцениле дека Шведска во континуитет го поддржува европскиот пат на земјава и има голема улога во напредокот на реформската агенда, а разговарале и за модалитетите и насоките на развојната соработка, како една од целите да ѝ се помогне на Северна Македонија да се приближи до Европската Унија.
„Маричиќ ѝ се заблагодари на Росвал за шведската поддршка во обезбедувањето финансиска помош за постигнување на реформски резултати во клучни области како владеење на правото, демократски институции, слободни медиуми, економијата и во борба против корупцијата“,
се наведува во соопштението на Секретаријатот за европски прашања (СЕП).
Шведската министерка посочила оти Шведска ќе продолжи да ја поддржува земјава на нејзиниот евроинтеграциски пат, но дека на нас е да ги спроведеме домашните задачи и обврски што произлегуваат од преговарачката рамка, со заеднички консензус околу прашањето за европската перспектива на земјата.
Во рамки на нејзината посета на земјава, министерката се сретна и со претседателот Стево Пендаровски, а според најавите, се очекува да се сретне и со шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Пендаровски изразил благодарност за доследната политичка и финансиска поддршка од Кралството Шведска за македонските евроинтеграции. Воедно ја реафирмирал поддршката од С Македонија за скорешно членство на Шведска во НАТО, што, како што нагласил, ќе придонесе за севкупната стабилност на европскиот континент.
Министерката за ЕУ и нордиска соработка Јесика Росвал ја реализира посетата на Скопје на покана на вицепремиерот Маричиќ, кој неодамна беше во посета на Кралството Шведска. Од Скопје, шведската делегација ќе замине за Тирана каде Росвал ќе оствари средби со високи државни претставници.