Тој додаде и дека очекува Европската Унија гласно да ги потврди своите интереси за обединување на европскиот континент и по долг период да ја врати динамиката на проширување кон земјите од Западен Балкан, кои повеќе од една деценија чекаат пред портите на ЕУ
Ние ќе продолжиме со спроведувањето на сериозни процеси и позитивни политики. Реформите не се наш приоритет само заради исполнување на нашата стратегиска цел – интеграција во Европската Унија, напротив, реформите ги спроведуваме пред се за нашите граѓани кои заслужуваат да живеат во европско и модерно општество, изјави вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, на прес-конференцијата по средбата со сојузната министерка за ЕУ на Австрија, Каролине Едштадлер.
Тој додаде дека во изминативе пет години е направено многу за да се врати земјата на европскиот пат, што е потврдено од извештаите на Европската комисија, која на неколку наврати дава препорака за добивање датум за отпочнување на преговорите.
„Дијалогот со Бугарија и меѓусоседските односи кои се во една поамбициозна фаза на соработка, а од која очекуваме забрзување на можноста за стекнување услови за одржување на првата меѓувладина конференција со Европската Унија“,
истакна Маричиќ.
Вицепремиерот, исто така, изјави дека Австрија е меѓу нашите најважни партнери, што се покажало и на почетокот на пандемијата кога токму Австрија помогнала за снабдувањето со првите количини на вакцините, но и за време на мигрантската криза.
„Иднината на нашата земја и на целиот регион е европска и сметам дека е време да се потврди тоа. Северна Македонија вложи натчовечки напори и успеа да покаже дека е доверлив партнер на ЕУ и дека не ја менува својата политика преку ноќ, дури и кога нашиот макотрпен труд не е валоризиран и не оди во прилог на политиката на проширување“,
посочи Маричиќ.
Тој додаде дека очекува и Европската Унија гласно да ги потврди нејзините интереси за обединување на европскиот континент и после долг период да ја врати динамиката на проширување кон земјите од Западен Балкан, кои повеќе од една деценија чекаат пред портите на ЕУ.
„Во овие тешки времиња кога мирот, стабилноста, безбедноста и демократијата се доведени во прашање, обединетоста на Европа добива уште поголемо значење. Сите заедно мора да размислуваме за иднината и да не оставиме простор за нарушување на кредибилитетот на Европската Унија, европските вредности и идеали“,
додаде Маричиќ.
Вицепремиерот изјави дека оваа година е пресудна за иднината на ЕУ и на Западниот Балкан, кој нема друг пат освен европскиот.