Хрватска како голем и искрен пријател на земјава во процесот на пристапување во ЕУ, може многу позитивно да придонесе во нашите напори на евроинтегративниот пат, е укажувањето од Маричиќ до Радман

Примерот на Хрватска за членство во ЕУ вели дека може брзо да се направат реформите и да се напредува и тоа е наш поттик во надминувањето на предизвиците и обезбедувањето членство во ЕУ, порачал вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, на средбата со хрватскиот министер за европски и надворешни работи Гордан Грлиќ Радман.
Маричиќ и Радман на маргините на „Преспа форумот за дијалог“ во Струга разговарале и за важноста да се внимава на рокот за уставните измени и дека 2023 година е клучна за Северна Македонија и за креирањето на идните граници на ЕУ.
Вицепремиерот Маричиќ и министерот Радман разговарале и за актуелните политички случувања и за процесот на реформите во земјава, како и за интеграцијата на државите од регионот во ЕУ.
Како што соопштуваат од Секретаријатот за европски прашања, Маричиќ му укажал на Радман дека Хрватска како голем и искрен пријател на земјава во процесот на пристапување во ЕУ, може многу позитивно да придонесе во нашите напори на евроинтегративниот пат.
Радман, пак, порачал дека Хрватска и понатаму безусловно ќе ја поддржува земјава во остварувањето на нејзината стратешка цел, посочувајќи дека политиката која Владата ја спроведува е мудра и предводена од конструктивна волја за соработка и дијалог.
