Ние сè уште не сме во фаза каде што сме се согласиле на нешто ниту, пак, бугарската страна се согласила. Сè уште сме во фаза на разговори, размена на аргументи, рече Маричиќ кој во новата влада ќе ја извршува функцијата вицепремиер за европски прашања

Идниот вицепремиер за евроинтеграции Бојан Маричиќ на посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков во вторник (18 јануари) гледа како на одлична можност за нова динамика во преговорите помеѓу Скопје и Софија во која конкретни работни групи ќе работат за да дадат резултати без да се врзуваат за временски рокови.
Според него, тоа што и во Бугарија и во Северна Македонија има нови влади ќе даде нова енергија и шанса за позитивно решавање на спорот врз база на научените лекции од досегашните преговори.
„Ние сè уште не сме во фаза каде што сме се согласиле на нешто, ниту пак бугарската страна се согласила. Сè уште сме во фаза на разговори, размена на аргументи, размена на позиции и мислам дека посетата на бугарскиот премиер Петков во вторник ќе биде одлична можност за да се воспостави нова динамика во преговарачкиот процес меѓу нас и Бугарија. Динамика во која ќе се фокусираме на прашања пошироки од историските, динамика во која ќе се формираат конкретни работни групи коишто ќе дадат резултати во конкретни области без да се врзуваме за временски рокови, но интензивно да работиме на подобрување на атмосферата меѓу граѓаните и двете држави, враќање на довербата, зголемување на нивото на пријателство и суштински да се отстранат пречките за наш почеток на преговорите“,
изјави денеска Маричиќ.
Прашан што значи изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека веќе се испратени одговори на прашањата до Бугарија, Маричиќ рече дека е најсоодветно тоа да го одговори шефот на дипломатијата, бидејќи МНР го води процесот на размена на документите.
„Тоа што јас сум информиран знам дека сме одговориле на она што првично е изведено како точки за разговор кога комуницирале уште премиерите Заев и Борисов и потоа и премиерот Заев со претседателот Радев и мислам дека ние само сме одговориле кои се нашите аргументи во однос на тие точки. Од вторник натаму мислам дека ќе имаме една нова динамика којашто сите тие прашања ќе ги третира на еден поинаков начин, на еден начин во којшто со меѓусебно уважување ќе бараме решенија за сите отворени прашања“,
рече Маричиќ.