Вархеји порача дека треба да го задржиме фокусот на процесот на преговори со ЕУ и на реформите заради македонските граѓани кои заслужуваат да живеат во европска и просперитетна држава, вели Маричиќ

По средбата со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, вицепремиерот Бојан Маричиќ вели дека 2030 година е амбициозен, но достижен датум за членство на С Македонија во Европската Унија и оти заеднички се работи на таа цел.
Според Маричиќ, заклучокот од работниот состанок со Вархеји е дека иднината на политиката за проширување е отворена и поставена е цел за која треба и државите од Западен Балкан и ЕУ „да се подготвиме и да ја достигнеме“.
„Кај земјите членки на ЕУ постои политичка волја и обединетост за европската перспектива на целиот регион. Вархеји порача да го задржиме фокусот на процесот на преговори со ЕУ и на реформите заради македонските граѓани кои заслужуваат да живеат во европска и просперитетна држава“,
напиша Маричиќ на својот фејсбук-профил.
Вицепремиерот додава дека ЕУ веќе има суштински предлози, со таканаречениот план за раст кој вистински ќе ја забрза не само институционалната, туку и економската интеграција.
„Целта е да го забрзаме проширувањето и до 2030 година да успееме сите да ги исполниме обврските, за да го завршиме обединувањето на Европа и да ја обезбедиме нејзината стабилност и развој“,
додава Маричиќ.
Премиерот Димитар Ковачевски на средбата со Вархеји истакнал дека фокусот на Владата е насочен кон перспективата за членство во ЕУ и оти останува посветена на европската агенда, имајќи го предвид фактот дека за членството во ЕУ има висока поддршка од граѓаните.