Франција покажува интерес за Западниот Балкан, тоа нам ни е доволно да веруваме дека можеме што поскоро да имаме успех, вели вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, во вечерашното издание на „360 степени“
Ние сме претпазливи и рационални оптимисти. Вака вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, одговори на прашање во емисијата „360 степени“ за тоа дали е можна деблокада на пристапниот процес на Северна Македонија во Европската Унија за време на француското претседателство, односно до крајот на јуни.
Маричиќ, кој пред Брисел, заедно со шефот на дипломатијата Бујар Османи беше во посета на Париз, вели дека не би сакал да оперира со датуми за тоа кога точно би можел да се откочи процесот. Сепак, смета дека францускиот претседател, Емануел Макрон, и целиот негов тим можат многу да помогнат доколку како француско претседателство го поддржат процесот.
Прашан за коментар на неодамнешната изјава на францускиот министер за надворешни работи дека неговата земја би сакала првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и со Албанија да се случат до јуни, но дека ако тоа не се случи, тогаш барем за време на следното претседателство на Чешка, Маричиќ одговори:
„Ако мене ме прашувате, требаше уште во германското претседателство тоа да се случи, така што, ние работиме на тоа да се случи што побрзо. Реков дека не се фокусираме на временски рок, се фокусираме на суштината на проблемите. Добро е и француската методологија која ја освои Европската Унија за преговорите да профункционира конечно, тоа и Франција го гледа како своја шанса. Ќе има во јуни Самит за Западниот Балкан што ќе даде и посебен осврт на темите млади, безбедност и животна средина. Значи, Франција покажува интерес за Западниот Балкан, тоа нам ни е доволно да веруваме дека можеме што поскоро да имаме успех.“

Коментирајќи ја тезата дека Бугарија „си купи“ мир, барем шест месеци и дека веќе не чувствува притисок од ЕУ на тема Северна Македонија, Маричиќ вели дека никој нема луксуз за одложување.
„Општиот впечаток е дека веќе премногу време е изгубено и досега. Затоа мислам дека сите очекуваат една сериозна, брза динамика, во којашто ќе се дискутираат сите отворени прашања, во којашто ќе се бараат решенија за сите отворени прашања, но, исто така, ќе ги држиме во тек со разговорите и европските институции и државите членки, бидејќи знаеме дека одлуката за почеток на преговори, поточно за првата меѓувладина конференција се донесува едногласно, затоа треба да бидеме сите на иста страна“,
вели тој.
Вицепремиерот ја спомена и посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков во Брисел и кажа дека информациите претставени од бугарската влада таму коинцидираат со тие од нашата влада.
„Значи, пристапуваме искрено и отворено, со желба што побрзо да се изнајде решение за отворените прашања, но и да воведеме нови теми и нови можности за комуникација во нашите односи. И трговија, и економија, и животна средина, и инфраструктура, и европска интеграција“,
наведе Маричиќ.