Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вели дека е завршен скринингот за два клучни кластери – кластерот темелни вредности и кластерот внатрешен пазар. Според него, сега сме во третиот кластер кој се однесува на компетитивност и инклузивен раст
Скринингот како дел од процесот на пристапување кон Европската Унија е завршен за два клучни кластери – кластерот темелни вредности и кластерот внатрешен пазар, вели вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за „ИМА“.
„Кластерот темелни вредности каде што се и правда, правосудство, темелни права, човекови права, фискална политика, финансиска контрола, јавни набавки, значи важни теми, економски критериуми, слобода на медиуми, значи, суштинските теми од политичкиот систем и од судскиот систем и од правниот систем, се во тој кластер. Тој кластер го завршивме со двата скрининга, и со билатералниот и со објаснувачкиот“,
вели Маричиќ.
Тој додаде дека вториот кластер – внатрешен пазар е исто така суштински за функционирање на внатрешениот пазар на Европската Унија и за отворање на нашиот пазар кон него.
„Сега сме во третиот кластер. Третиот кластер се однесува на компетитивност и инклузивен раст. Паралелно го отворивме скринингот за четвртиот кластер, а тоа е зелена агенда и транспортна политика. Така што, навлегуваме, веќе сме скоро на половина од тој процес на скрининг“,
рече Маричиќ.
Вицепремиерот додаде дека скрининг-процесот, кој започна во септември минатата година, се очекува да заврши до ноември.
„По завршувањето на сите поглавја во сите кластери, ќе добиеме извештај за секој кластер. Врз основа на тој извештај ќе треба да подготвиме документи за реформи. Да речеме, во првиот кластер се тие патокази коишто се спомнуваат, коишто треба да ги опишат нашите обврски до членството во Европската Унија. И потоа, како што се отвораат, ќе треба да ги исполнуваме задачите, да се нотира напредокот. И во зададена временска рамка, којашто ние самите ќе ја зададеме, значи нема да нѐ притиска Европската Унија, да направиме нешто во определен рок ако ние не сме подготвени и не го прифатиме како обврска. Планот ни е до крајот на ова декада да бидеме подготвени за членство во Европската Унија“,
рече Маричиќ.
