Веруваме дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја прифати оваа шанса и оваа можност, бидејќи ја пропуштија за НАТО, како партија, иако дел од пратениците тогаш го поддржа Преспанскиот договор и уставните измени, изјави министерот за правда во интервју за Канал 5
Паралелно со процесот на скрининг, има можност, во тој период да се заврши и обврската за измена на Уставот, со додавање на некои заедници, како Хрватите, Црногорците и Бугарите во Преамбулата и во уште една точка во Уставот, каде што се споменуваат сите поименично, изјави денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.
„Од наш аспект содржински нема никаква пречка тоа да се направи. Мислам дека нашиот концепт на Уставот и нашиот амбиент секогаш бил инклузивен за сите заедници. Ние ќе отвориме дијалог со сите политички партии, како Влада, но и со сите пратеници. Сметаме дека ќе има можност пратениците да се определат јасно дали се за продолжување на европскиот пат, дали се за членство на Северна Македонија во Европската Унија или пак се за застој, враќање назад и отстапување од тој пат“,
рече Маричиќ во гостувањето во вестите на „Канал 5“.
Тој рече дека верува оти ВМРО-ДПМНЕ ќе ја искористи шансата да биде на страната на членството на Северна Македонија во ЕУ, што е стратешки приоритет на земјата веќе 30 години.
„Веруваме дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја прифати оваа шанса и оваа можност, бидејќи ја пропуштија за НАТО, како партија, иако дел од пратениците тогаш го поддржа Преспанскиот договор и уставните измени“,
додаде Маричиќ.
На прашањето дали процесот на скрининг, кој започнува на средината на септември, се разликува од процесот на скрининг на Албанија, вицепремиерот Маричиќ рече дека двете земји започнаа на ист начин и со истите инструменти, потенцирајќи дека и во 2018 и 2019 година тој примарен, подготвителен скрининг го правевме заедно и дека и овој пат, во јули, првата сесија на скринингот беше заедно со Албанија.
Премиерот Димитар Ковачевски, денеска, одговорајќи на новинарско прашање во врска со уставните измени, порача дека пратениците кои ги претставуваат граѓаните треба да бидат на висина на задачата и сите 120 да поддржат продолжување на патот на земјава кон полноправно зачленување во ЕУ.
Во однос на доволниот број пратеници кои би ги гласале уставните измени кажав дека е обврска на секој пратеник, зашто имаат обврска кон граѓаните и државата во однос на европската иднина. Затоа постои дискусија во Собранието која треба да е базирана на аргументи, факти и на перспективите на државата“,
посочи Ковачевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека со ваквата изјава Ковачевски призна дека нема пратеници кои ќе му го поддржат предавството за промена на Уставот и исполнување на бугарските мегаломански барања.
Претседателот на државата Стево Пендаровски во интервју за агенцијата Анадолија рече дека e скептичен оти сегашнава опозиција во Парламентот има расположение да гласа за уставните измени.
