Одложување на преговорите, исто така, предизвикува и загриженост за стабилноста во регионот порача вицепремиерот по средбата со делегација од МНР на Чешка која во втората половина од 2022 година ќе претседава со ЕУ
Од клучно значење е на Самитот на ЕУ во јуни да се отстрани ветото за почеток на преговорите и да се избегне спорот со Бугарија да се трансформира во долгогодишно прашање, порача вицепремиерот за економски прашања, Бојан Маричиќ заедно со претставници на чешката делегација предводена од Ирена Обер Леикманова, која е раководителка на Одделението за проширување на ЕУ во рамки на чешкото МНР.
Чешка е следната земја-членка која ќе го преземе претседавањето со ЕУ од Франција на 1 јули годинава, а по средбата со делегацијата вицепремиерот наведе и зошто е од клучно значење да се отстрани ветото во јуни.
„Се согласивме дека времето не работи во корист на никого. Секое одложување на почетокот на преговорите води кон зголемен евроскептицизам кај граѓаните, но исто така предизвикува и загриженост за стабилноста во регионот“,
вели Маричиќ.
За време на чешкото претседателство во втората половина од 2022 година, додава тој, ќе се продолжи соработката со оваа земја, а се планираат и заеднички активности за тој период.