Според Маричиќ, тоа не е во интерес на проевропските влади, како нашата, туку тоа е во полза на оние што го негуваат рускиот наратив дека ЕУ е неуспешна приказна
Сега е вистински момент Европа да го направи потребниот чекор за зачувување на вредностите кои се темел на Унијата и да донесе политичка одлука во однос на проширувањето, порача заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на регионалниот настан во Париз во рамки на иницијативата „Балкански дијалози“ во организација на францускиот Сенат.
„Војната во Украина е последен повик за Европската Унија и нејзината политика за проширување со земјите од регионот, а за тоа е потребно силно лидерство и политичка одлука, која нема да се бирократизира“,
рече вицепремиерот на регионалната иницијатива, чиј домаќин е францускиот Сенат.
Како што соопшти СЕП, вицепремиерот пред присутните истакна дека оваа година е клучна за дефинирањето на политиката за проширување, од која регионот очекува придвижување на процесот на евроинтеграции и потврдување на неговата европска иднина.
„Ако Унијата не одговори на овој повик и Северна Македонија и Албанија не добијат датум за почеток на преговорите, тогаш цел Западен Балкан се остава на страна, без јасна перспектива и со можност за други надворешни влијанија“,
посочи Маричиќ.
Според Маричиќ, тоа не е во интерес на проевропските влади, како нашата, туку тоа е во полза на оние кои го негуваат рускиот наратив дека ЕУ е неуспешна приказна и истакна дека одолговлекувањето и одложувањето на одлуките не дадоа ништо позитивно и дека веќе неодложно е обединувањето на Западен Балкан со ЕУ.
„Верувам дека Европа ќе ја покаже нејзината најголема сила, а тоа е нејзиното единство, и ќе докаже зошто е глобален лидер, со пресврт во евроинтеграцискиот процес, кој веќе е неодложен, истакна вицепремиерот Маричиќ“,
стои во соопштението.
