Ние сме автентична партија, не сме дериват на ниту една друга политичка партија ниту, пак, сме создадени да ѝ помогнеме на ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт, како што е случајот со ЗНАМ и Максим Димитриевски, вели Маричиќ

Вицепремиерот Бојан Маричиќ, кој е и секретар за меѓународна соработка на СДСМ, очекува неговата матична партија да го подобри резултатот на 8 мај – кога се закажани парламентарните и вториот круг од претседателските избори во земјава.
Вели дека ќе се борат за секој глас, а граѓаните ќе одлучат колку пратеници ќе добијат.
„В среда, на 8 мај, очекуваме прво секако подобар резултат од првиот круг. СДСМ е силна партија, која има и процедури и демократски потенцијал да ги отвори сите дискусии и да ги анализира сите причини за резултатите, но и последиците по државата и по партијата. Јас сум сигурен дека сме една од ретките, ако не и единствена партија, која има толку демократски механизми и за дискусија и отчетен конгрес и директен избор на претседател, што сето тоа ќе придонесе да зајакне партијата, да ги збиеме редовите и да ги излеземе уште посилни од оваа ситуација“,
рече Маричиќ.
Кажа и дека СДСМ носи државотворни одлуки во изминатите 30 години и дека сите до една го имаат издржано тестот на времето.
„Ниту една не била ниту поништена – ниту изменета, туку била со тек на време прифатена и вградена во државноста на Македонија. Така ќе биде и овој пат и јас сум сигурен дека ќе продолжиме и со нашите прогресивни политики и со поддршката на демократскиот развој и европските интеграции и од тоа СДСМ нема да се откаже“,
рече Маричиќ.
За Маричиќ, рано е да се прогнозира кој колку пратениците ќе освои во парламентот. Без разлика и на тоа кој ќе ја освои власта, порача дека СДСМ како партија ќе биде бедем кој ќе ги брани слободата и демократијата, социјалната правда и патот на европските интеграции во Собранието.
„Сето она што ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ планираат да го загрозат. Ние сме автентична партија, не сме дериват на ниту една друга политичка партија, ниту сме создадени да помогнеме на ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт, како што е случајот со ЗНАМ и Максим Димитриевски“,
изјави тој.
Маричиќ и партиска делегација предводена од заменик-претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, денеска положија цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје, по повод 121 година од смртта на македонскиот револуционер.
На одбележувањето присуствуваше и делегација на ВМРО-ДПМНЕ, по што лидерот Христијан Мицкоски во изјава за медиумите посочи и дека националното и општествено обединување ќе бидат императив по 8 мај.