За тоа дека јавно не бил кажан ставот за францускиот предлог порано, и Маричиќ и Османи посочија дека таков бил ставот и стратегијата со цел да не се влијае на процесите во Република Бугарија. Тоа, рече шефот на дипломатијата, сметавме дека е наш интерес, но за жал не секој издржа во почитување на државната стратегија

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, и шефот на дипломатијата, Бујар Османи, не гледаат простор за оставка по францускиот предлог за кревање на ветото од Бугарија, кој државата го одби како неприфатлив за неа. Според вицепремиерот поголема одговорност имаат некои други кои се обиделе да ги нарушат државните позиции.
Двајцата да се преиспитаат и евентуално да поднесат оставки вчера побара владиниот коалициски партнер Демократски сојуз, исто како и ВМРО-ДПМНЕ.
Меѓутоа, одговарајќи денеска на новинарски прашања, Маричиќ рече дека според него за да се исполнат надворешно-политичките цели владата направила сериозни напори изминатите години, а особено изминатите месеци откако премиерот Димитар Ковачевски го формираше својот кабинет. Тој нагласи дека нашата цел одредена уште со осамостојувањето е пристапување во ЕУ, но во исто време и заштита на нашите интереси, јазик и идентитет и започнување на процес на преговори кој ќе биде одржлив и пакет кој ќе може да се спроведе со цел да не доведе до членство, а не до нови блокади.
„За секоја држава е важно заштитата на јазикот и идентитетот, достоинствено да чекори на патот кон ЕУ секако имајќи ги добрососедските односи како битен критериум кој е ставен во рамката. Во таа смисла мислам дека наша одговорност е да се грижиме за овие работи, простор за одговорност надвор од ова не гледам. Мислам дека многу поголема е одговорноста на одредени личности или структури кои се обидоа да ја нарушат државната стратегија со своето пренесување на вести или информации до политички партии или до медиуми кои беа ниту проверени ниту конечни со цел да се креира една таква атмосфера. Ние кажавме дека е важно овој процес да го водиме мудро и дека ни било дел од стратегијата да ги соопштиме нашите ставови на Самитот, а претходно и да комуницираме со нашите партнери“,
рече Маричиќ.
Со комуникацијата на определени лица и структури до дел од политичките партии и медиумите, додаде вицепремиерот, се поткрена една атмосфера за која немаше основа.
Слична изјава за евентуална оставка даде и шефот на дипломатијата со порака дека се заштитени државните интереси и дека како такви еден ден ќе влеземе во ЕУ.
„Прашањето на успех е релативно, зависи што значи успех. Дали е заштита на интересите на државата или е нешто друго. Ние не го квалификуваме ова прашање како црно бело прашање на успех и неуспех. Ова е наша безалтернативна борба да станеме членка на ЕУ притоа запазувајќи ги државните интереси и интересите на граѓаните. Тоа што ќе кажам е дека нема да правиме компромис ниту по едното ниту по другото прашање. Ќе станеме еден ден членка на ЕУ но со заштитени државни и национални интереси“,
изјави Османи.
За тоа дека јавно не бил кажан ставот за францускиот предлог порано, двајцата посочија дека таков бил ставот и стратегијата со цел да не се влијае на процесите во Република Бугарија.
„Откако имавме увид дека има споделено работна верзија, ние формално ги комунициравме нашите ставови до претседателството, јавен став намерно не заземавме за да не влијаеме на процесот во Република Бугарија. Тоа сметавме дека е наш интерес, интерес на нашиот сојуз, но за жал не секој издржа во почитување на нашата државна стратегија што сметавме дека ги зачувува нашите позиции. Ве разбирам вас, го разбирам општеството кое бара одговори сега, ние сепак мора да ја гледаме и целосната слика“,
рече Османи.