Европската перспектива на земјава и регионот, како и разговорите со Бугарија со цел отстранување на ветото за почеток на пристапните преговори со ЕУ, беа тема на разговор на денешната средба во Скопје меѓу вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи на Република Литванија, Габриелиус Ландсбергис.
„Членството во ЕУ е стратешка определба на Северна Македонија и ние како Влада сме посветени на реализација на европските стандарди и правила“,
посочи вицепремиерот Маричиќ, додавајќи дека доколку не се успее во скоро време да се дојде до договор со Бугарија за отстранување на ветото за очекување е да се зголеми евроскептицизмот помеѓу граѓаните.
Заедно со министерот Ландсбергис, информираат од СЕП, се согласиле дека се големи очекувањата од Комисијата и француското претседателство и дека во следниот период ќе ги преземат неопходните чекори во насока на унапредување и отворање на процесот.
На средбата го потврдиле партнерскиот однос и се разговарало за унапредување заедничките проекти кои ги спроведува Секретаријатот за европски прашања заедно со Литванија, како и се договор за продлабочување на соработката преку давање на експертска и финансиска поддршка за унапредување на нашата реформска агенда, со цел побрзо приближување на земјата до европската легислатива и стандарди.
