Клучната битка што денеска е добиена е дека случаите од поранешното СЈО, односно случаите кои и во Европската комисија и нивните извештаи се споменуваат, остануваат валидни и продолжуваат да бидат предмет на судовите и обвинителствата во државата. Тоа беше наша примарна и клучна битка во борба за владеењето на правото и правната држава, нагласува Маричиќ

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ смета дека Северна Македонија треба да е задоволна од денешната одлука на Европскиот суд за човекови права.
„Мислам дека треба да сме задоволни, и како правдољубиви граѓани, но и како влада, затоа што судот ги уважи аргументите на владата и тоа што во примарниот дел на нашата аргументација околу недопуштеноста на овие апликации, ги прифати нашите аргументи и ги прогласи за недопуштени“,
изјави вечерва Маричиќ во гостување во емисијата „Вин-вин“ на ТВ Телма.
Решението, според него, е исто така интересно и од аспект на тоа што го коментира контекстот во кој е донесена аболицијата и ако се чита детално го цитира и Прибе, го црта контекстот во кој беше донесена аболицијата, што нам ни беше многу важно при изнесувањето на одбраната на државата во Стразбур.
„Мило ни е што судот ги прифати и аргументите на одбрана на Република Северна Македонија и можам само да му честитам на тимот кој беше предводен од владиниот агент Даница Џонова, тим од Министерството за правда и, секако, домашни и странски експерти кои помогнаа денеска да ја имаме оваа пресуда. Одлука за ангажирање вакви тимови секогаш носи Владата на предлог на надлежните институции“,
додаде тој.
Според него, одбраната на Владата и државата секогаш ги коментирале и техничките делови, процедуралните делови, како што е допуштеноста, но секако и мериторноста. Значи, како што рече Маричиќ, комплетно била покриена одбрана, во сите свои аспекти.
„Мислам дека клучната битка која денеска е добиена е дека случаите од поранешното СЈО, односно случаите кои и во Европската комисија и нивните извештаи се споменуваат, остануваат валидни и продолжуваат да бидат предмет на судовите и обвинителствата во државата. Тоа беше наша примарна и клучна битка во борба за владеењето на правото и правната држава“,
нагласи Маричиќ.
Вицепремиерот рече дека од правен аспект судот веднаш проценил дека е ова комплексен случај, дека аболициите на Иванов од 2016 година имаат повеќеслојни значења и дека е навистина еден комплициран случај за кој треба повеќе време.
„Ние и кога ја пишувавме одбраната побаравме дополнителен рок од три месеци бидејќи има навистина многу случаи, има многу политички и институционални околности кои го прават законот за помилување контроверзен. И затоа мислам дека се уважи тоа дека треба повеќе време за правните аспекти да се разгледаат и затоа ние ги изнесовме сите процедурални аспекти дека има уште многу што нашите судови и институции да кажат пред да се обратат апликантите во судот во Стразбур“,
објасни Маричиќ.
Според Маричиќ, од првиот ден кога се поднесени апликациите и државата добила информации дека се поднесени, уште од тогаш е почната кампања во јавноста дека веќе е завршена работата и дека судот во Стразбур ја валидирал аболицијата на Иванов.
„Мојот впечаток е дека тоа беше една стратешка определба на адвокатскиот тим, или генерално на тие што сакаа да создадат таква слика, дека е ова завршена работа како порака кон судовите и обвинителствата. Затоа мислам дека голем дел од случаите и бавно се движеа низ судовите чекајќи ја оваа одлука од Стразбур дека таа ќе разреши нешто без разлика дали во корист на државата или на апликантите и дека ќе ја заврши работата на нашите судови“,
истакна вицепремиерот за европски прашања.
Тој вели дека денешната одлука ја враќа топката во нашите институции и судови и упатува дека прво треба нашите да се изјаснат за сите овие аспекти пред да одат во Стразбур.