Регионот веќе направи позитивни движења, сега е време ЕУ-интеграцијата да земе полн замав. Дојдено е време за сериозен план за проширување од страна на ЕУ. Конкретен план со кој ЕУ ќе покаже дека не само со зборови туку и со дела е фокусирана на евроинтеграцијата на регионот. Ние ќе испорачаме реформи и тешки одлуки, а ЕУ да испорача членство во догледно време, вели вицепремиерот Маричиќ

Ние ќе испорачаме реформи и тешки одлуки, а ЕУ да испорача членство во догледно време, вели вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во видеообраќање од Бечиќи каде што присуствува на состанокот на министри за ЕУ по повод завршувањето на претседавањето на Црна Гора со Процесот за соработка во Југоисточна Европа и преземањето на претседателството од македонска страна.
„Регионот веќе направи позитивни движења, сега е време ЕУ интеграцијата да земе полн замав. Дојдено е време за сериозен план за проширување од страна на ЕУ. Конкретен план со кој ЕУ ќе покаже дека не само со зборови, туку и со дела е фокусирана на евроинтеграцијата на регионот. Ние ќе испорачаме реформи и тешки одлуки, а ЕУ да испорача членство до догледно време“,
вели Маричиќ.
Маричиќ рече дека министрите за ЕУ на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа во Бечиќи од денешниот состанок испратиле јасна порака дека Западниот Балкан предолго очекува извесна европска перспектива, со јасна временска рамка за идно проширување на ЕУ.
Преземањето на претседавањето на Северна Македонија со Процесот за соработка на земјите од Југоисточна Европа, како еден од главните форуми за регионален дијалог, како што посочува Маричиќ, е додадена вредност за нашата посветеност на градење општество засновано на демократски вредности и економски просперитет со јасна визија за иднината на регионот како целосно интегриран во Европската унија.
„За време на претседавањето, Северна Македонија ќе остане силно посветена на унапредување на нашата регионална економска соработка и инфраструктурно поврзување, владеење на правото, човековите права и функционирање на демократските институции. Потребна ни е политичка волја и одговорност од сите политички субјекти да продолжиме да напредуваме во преговорите со ЕУ и за македонските граѓани да испорачаме подобар животен стандард, а за државата економски раст. Членството на Западен Балкан во ЕУ, без сомнеж, е инвестиција во европскиот мир и безбедност, со заедничка акција да го направиме достижно и реално“,
нагласува Маричиќ.
Маричиќ, денеска, на маргините на министерскиот ЕУ состанок на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), остварил средба со генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу.
На средбата било разговарано за статусот на регионалните договори во рамки на Берлински процес, нивната имплементација и следните активности на Советот за регионална соработка, за кои вицепремиерот Маричиќ нагласил дека се „позитивен чекор кон подготовката на Западен Балкан во единствениот пазар на ЕУ“.

Вицепремиерот Маричиќ додал дека регионалната соработка е составен дел од европската интеграција и клучна во достигнувањето на членството во ЕУ. Во тој контекст укажал дека за Северна Македонија останува регионалната соработка да е еден од надворешнополитички приоритети и дека ќе продолжи да биде конструктивен партнер на Советот за регионална соработка.
„Ќе продолжиме како земја да придонесуваме во подобрувањето на регионалната соработка и активно да работиме во рамки на иницијативите Берлински процес и Отворен Балкан, од кои конкретни бенефити имаат македонските граѓани и македонската економија“,
рекол Маричиќ.
Генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу, ја потврдила заложбата и посветеноста на Северна Македонија на регионалната соработка и препознавањето на важноста на договорите кои беа потпишани на Самитот на Берлинскиот процес, во ноември минатата година.
Денеска во Бечиќи се одржуваат состаноци на министрите за ЕУ и за надворешни работи, како активности со кои завршува претседавањето на Црна Гора со Процесот за соработка на Југоисточна Европа, кое Северна Македонија официјално го презема од 1 јули.