На состанокот на Маричиќ со Работната група за проширување и земји кои преговараат за пристапување во ЕУ станало збор и за јавното мислење на македонските граѓани за преговарачкиот процес, за што вицепремиерот посочил дека забрзувањето на процесот и давањето опипливи резултати и пред членството во ЕУ се најдобриот механизам за враќање на довербата во пристапните преговори со ЕУ и за брз развој на нашата држава

Државите членки на ЕУ даваат силна и недвосмислена поддршката за нашето продолжување на преговорите за членство во Унијата и за брз напредок во евроинтегративниот процес, порача денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ по брифингот во Брисел со Работната група за проширување и земји кои преговараат за пристапување во ЕУ (КОЕЛА).
„Работиме да ги доближиме вредностите и придобивките од ЕУ до граѓаните, е пораката која денеска ја пратив на состанокот со делегатите на земјите членки од работната група за проширување во Советот на ЕУ, КОЕЛА. Правиме заеднички напори за време на шпанското претседателство процесот да влезе во нова, напредна фаза и Северна Македонија да продолжи кон полноправно членство во ЕУ“,
наведе Маричиќ на својот фејсбук-профил.
Претставниците на државите членки на ЕУ во работната група КОЕЛА, како што информираат од Секретаријатот за европски прашања (СЕП), ја потврдија силната и недвосмислена поддршка која нивните држави ја даваат за нашето продолжување на преговорите со ЕУ и брз напредок во евроинтегративниот процес.
Покрај краткото излагање за скрининг процесот и очекувањата, на состанокот вицепремиерот се надоврзал на подготовката и содржината на стратешките документи, патоказите, како и на реформите во правосудството и борбата против криминалот и корупцијата.
На состанокот, како што велат од СЕП, станало збор и за јавното мислење на македонските граѓани за преговарачкиот процес, за што Маричиќ посочил дека забрзувањето на процесот и давањето опипливи резултати и пред членството во ЕУ се најдобриот механизам за враќање на довербата во пристапните преговори со ЕУ и за брз развој на нашата држава.
На прашање на делегатите од работната група за проширување на Советот на Европската Унија, КОЕЛА, Маричиќ се осврнал и на односите со Бугарија, посветеноста на добрососедските односи и соработката со цел зајакнување на регионалната стабилност, како предуслов за напредок кон полноправно членство во ЕУ.
Од СЕП велат дека вицепремиерот зборувал и за предизвиците со кои се соочува Владата во испораката на обврските кои произлегуваат од јунските заклучоци од 2022 година на Европскиот совет. Во тој контекст Маричиќ посочил дека за успех во преговорите со ЕУ е потребен конструктивен дијалог и консензус од сите, изразувајќи очекување дека час поскоро секој еден политички актер ќе ја разбере важноста и итноста да останеме во пристапните преговори.
На состанокот присутни биле и заменик министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ, шефот на Мисијата при ЕУ во Брисел, Зулфи Исмаили и државната секретарка на Секретаријатот за европски прашања, Дрита Абдиу-Халили.
Вчера, вицепремиерот Маричиќ се сретна со еврокомесарот за буџет и администрација Јоханес Хан. По средбата Маричиќ порача дека Европската Унија работи на паралелни реформи во институциите, буџетот и процесите за донесување одлуки, со цел до 2030 година да се создаде погодна средина за нејзино проширување.
Вицепремиерот за европски прашања вчера имаше средба и со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, на која главни теми беа актуелните политички настани во земјава, текот на скрининг-процесот и очекувањата пред објавувањето на Извештајот за напредокот за 2023 година.