„Се разгледува во Брисел, има некои укажувања, забелешки, меѓутоа генерално се работи за сет мерки поврзани со реформи во јавната администрација, реформи во правосудството, пред сè околу зајакнување на улогата на Судскиот совет и зајакнување на оној процес на избори и разрешување на судиите и има една серија мерки поврзани со фискалната стабилност, финансиската транспарентност, а со крајна цел до 2027 година сите тие работи да бидат завршени“, рече вицепремиерот за европски прашања
До крајот на април или почеток на мај очекуваме да биде усогласен нашиот тригодишен реформски план што треба да го исполниме, како и усвојувањето на Планот за раст во Европскиот совет и тогаш да има прва исплата на средства од Планот за раст на Европската Унија за земјите од Западен Балкан.
Ова денеска го изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на годишната конференција „Година на европски можности“ одговарајќи на новинарско прашање до каде сме со тригодишниот план за Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и на што ќе се стави фокусот особено во делот на реформите и проектите.
„Првата верзија беше усвоена на седница на Владата на 6 декември минатата година, по што и веднаш е доставена. Секако се разгледува во Брисел, има некои укажувања, забелешки, меѓутоа генерално се работи за сет мерки поврзани со реформи во јавната администрација, реформи во правосудството пред се околу зајакнување на улогата на Судскиот совет и зајакнување на оној процес на избори и разрешување на судиите и има една серија на мерки поврзани со фискалната стабилност, финансиската транспарентност, а со крајна цел да до 2027 година сите тие работи бидат завршени“,
изјави Маричиќ.
Според него, мерките се извлечени од Извештајот за напредокот минатата година, како и од скрининг-извештаите коишто се досега готови за првиот кластер.
„Нема никакви изненадувања во тој план. Ние, во разговори со Европската комисија, направивме селекција и гледавме тој да биде во исто време и реален, реално остварлив, но и доволно амбициозен, да не биде не амбициозен и лесно остварлив, туку да биде доволно амбициозен, но исто така и остварлив. Штом добиеме зелено светло дека е одобрен како таков од државите членки и дека пакетот целосно е одобрен во Планот за раст од страна на државите членки на ЕУ ние ќе почнеме во негова реализација и сите рокови ги договараме заедно со директорот Копман“,
рече Маричиќ.
Вицепремиерот рече и дека забелешките се повеќе технички околу приоритетите и околу временската рамка во која треба да се исполнат.
„Нема некои суштински забелешки, бидејќи истиот е правен со Европската комисија. Забелешките се повеќе технички околу приоритетите и околу да речам временската рамка во која треба да се исполнат. Задачите, нема некои суштински забелешки бидејќи и планот е правен заедно со колегите од ЕК врз основа на нивните извештаи“,
вели Маричиќ.
Според него, усвојувањето не е само одлука на Европскиот совет.
„Тоа подразбира и одлука на Европскиот парламент на што исто така заедно работиме со останатите држави членки – двајца хрватски европратеници се известители за планот за раст, г. Пицула и уште еден од ХДЗ и се надевам дека набргу ќе ја достават нивната резолуција за поддршка на планот за развој во Европскиот парламент. Значи, треба да го усвои Европскиот парламент, треба да се направи финансиска спогодба која што ќе биде и потпишана и ратификувана и потоа ќе можеме да сметаме дека може да почне да се имплементира,
рече тој.
Очекувам, рече Маричиќ, најдоцна во март сето тоа да биде комплетирано, за да може крајот на април или почетокот на мај да има прва исплата.