Одредени забелешки и барања на Бугарија кои ги има посочено во заклучокот за старт на преговори за Северна Македонија излегуваат од рамките на Договорот за добрососедство и пријателство којшто го потпишаа двете земји, вели националнот координатор за интеграција во Европската Унија, Бојан Маричиќ во интервју за ТВ24.
Сепак, тој не очекува Бугарија да стане новата Грција кога се во прашање блокади на евроинтеграциите, бидејќи вели, тој договор ќе биде одбрана за Македонија за „неразумни барања“.
„Ние имаме чиста одлука за почеток на преговори не условена од ништо и на таа одлука се согласила и Бугарија. Бугарија бидејќи нема официјален услов решила еднострано да прикачи изјава во којашто ги прикажува сопствените очекувања за одредени прашања поврзани со текот на преговорите односно со спроведувањето на Договорот за добрососедство. Ние имаме обврска да го почитуваме и спроведуваме тој договор исто како што има обврска и Бугарија, таков е случајот и со Преспанскиот договор. Нас секако ни одговара тие договори да стојат во овие заклучоци и да бидат спроведувани. Тој Договор за пријателство и добрососедство со Бугарија мислам дека во наредниот период ќе ни биде токму и одбрана од неразумни барања, барања кои се надвор од договорот, а дел такви барања надвор од договорот има и во едностраната изјавата на Бугарија. Ние имаме агенда договорена, имаме утврдени механизми и тој договор не треба да ги обременува преговорите туку да ги олеснува“,
изјави Маричиќ.
Според Маричиќ, Бугарија дава поддршка за Северна Македонија, а во текот на преговорите со ЕУ останува обврската да се решат историските прашања.
„Дали сме Македонци или говориме македонски јазик не може да е предмет на дебата бидејќи самиот договор е потпишан на македонски јазик. Таму стои дека отворените прашања треба да бидат разговарани во текот на преговорите и не очекувам блокада. Сега во овој период треба да се најде начин како овие договори да бидат вметнати во преговарачката рамка. И тие ја прифаќаат реалноста дека македонскиот јазик постои“,
изјави Маричиќ.
На прашањето дали ќе треба да се откажеме од македонските корени на Гоце Делчев , Маричиќ вели дека не е целта на Договорот некоја земја да се откаже од нешто и дека ова прашање ќе треба да го решат историчарите од експертски аспект, посочувајќи дека „има историски личности на коишто полагаат право повеќе дражави“.
„Јас би оставил на историчарите, да направат доволно добро толкување кое од една страна ќе фрли можеби ново светло на некои историски настани, но и ќе овозомжи секоја од државите да има подеднакво право на тие настани кои ги чувствува како свои. За нас Гоце Делчев е многу важен дел од нашата историја и тоа не може да се смени особено не со политичка одлука. Видете имате личности и во европската историја како Карло Велики и други на коишто полагаат право повеќе дражави. Така што не би требало тоа да е чудно“,
смета Маричиќ.