Регионалниот форум за владеење на правото во Југоисточна Европа се одржува во Стразбур, со паралелни онлајн-обраќања на претставници од седум држави
С Македонија успешно ја следи реформската патека во секторот правда, ние остануваме со силна поддршка, рече британската амбасадорка Рејчел Галовеј
С Македонија балансира меѓу рестриктивните мерки и економско-социјалните последици во борбата за спречување на ширењето на новиот коронавирус, рече министерот за правда Бојан Маричиќ говорејќи на 7. Регионален форум за владеење на правото во Југоисточна Европа.
Годинешната тема на форумот е поврзана со актуелната ситуација со ковид-19 и правата заштитени со Европската конвенција за човекови права. Присуствуваат и претставници на Европскиот суд за човекови права, Советот на Европа и на правосудните институции во седум земји на Југоисточна Европа.
„Заедно со останатите држави, и Северна Македонија прави максимални напори да го заштити човечкото здравје и да балансира помеѓу рестриктивните мерки и економско-социјалните последици. Сепак, водилка во одлуките за заштита на јавното здравје и одлуките за справувањето со пандемијата треба да биде светото тројство, а тоа е: владеењето на правото, демократијата и човековите права. Колку повеќе се придржуваме до препораките, толку побрзо ќе ја пребродиме оваа пандемија“,
рече министерот за правда Маричиќ.

Централниот настан се одржува во Стразбур, а паралелно преку видеоврска низ седум главни града од Југоисточна Европа се состанаа и претседателите и судиите на врховните и на уставните судови.
Претседателот на Европскиот суд за човекови права Роберт Спано на отворањето порача дека владеењето на правото е основата за сите членови на Конвенцијата, став што Судот постојано го застапува.
На настанот во Скопје, претседателот на Уставниот суд во С Македонија, Сали Мурати, рече дека пандемијата нè потсети сите нас дека зачувувањето на животот и здравјето беа крајна цел на сите земји во светот и дека владите мора да дејствуваат брзо и на кредибилен начин, притоа почитувајќи ги човековите права и слободи и владеењето на правото.

Од име на амбасадите на Обединетото Кралство и Кралството Холандија, на учесниците им се обрати и британската амбасадорката во Скопје, Рејчел Галовеј.
„Нашата заложба за поддршка на реформите во Северна Македонија останува силна. Северна Македонија успешно ја следи реформската патека во секторот правда, со усвојување и измена на клучното законодавство во согласност со препораките на Советот на Европа и европските стандарди. Овие напори сега треба да се прошират со посветена и ефективна имплементација, што ќе ја зајакне заштитата на човековите права и ќе ја врати довербата на јавноста во правдата“,
рече Галовеј.
На централниот настан во Стразбур, комесарката за човекови права Дуња Мијатовиќ кажа дека здравствената криза ги разоткри и ги влоши долго време присутните нееднаквости во уживањето на човековите права.
„Крајно време е да се премостат овие јазови и да се зајакне моќта на човековите права како делотворен противотров за општеството во целина. Тоа вклучува поддржување на транспарентноста и достапноста на информациите, одржување механизми за делотворна заштита и препознавање на потребата од единство, солидарност и соработка, како национално така и меѓународно“,
рече Мијатовиќ.
Форумот е организиран од Програмата за владеење на правото на Западен Балкан на Центарот AIRE и „Civil Rights Defenders“, со поддршка на британската и шведската влада, Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Министерство за надворешни работи.
