Најраспространет и временски најдолготраен е пожарот кај планината Серта – започна минатата среда кога беа опожарени трева и нискостеблеста шума кај село Пепелиште, за набргу да се прошири кон планината. ЦУК информира оти пожарот кај Серта се протега на три општини (Штип, Неготино и Конче) со по неколку жаришта
Освен домашните капацитети, премиерот Христијан Мицкоски викендов најави дека помош за гасење на пожарите е побарана и од Словенија, Турција, Србија и Црна Гора. Меѓународна помош, која веќе пристигна во државата, е онаа од Турција
Високите температури кои деновиве достигнуваат и над 40 степени, а кои донесоа бран на топло и суво време, одново ги активираа пожарите на отворен простор во земјава. Главно гори сува, нискостеблеста вегетација, но и шуми – дабови, борови, мешовити. Територијално, претежно се зафатени места вдолж Повардарието.
Од вкупно 26 на територија на државата, во последното деноноќие активни се девет пожари, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК). Но, во некои случаи, под еден активен пожар се подразбираат и неколку помали во ист реон.
Каде сè гори?
Најраспространет и временски најдолготраен е пожарот кај планината Серта. Започна минатата среда кога беа опожарени трева и нискостеблеста шума кај село Пепелиште, за набргу да се прошири кон планината. ЦУК информира оти пожарот кај Серта се протега на три општини (Штип, Неготино и Конче) со по неколку жаришта.
Две од нив се на територија на Општина Штип – кај местото викано Патрик и кај селото Хаџи Реџепли. Горат смрека, дабова и мешовита шума и ниска вегетација и грмушки. Теренот е непристапен. Едно противпожарно возило и тројца пожарникари се во постојана обиколка на местото доколку од некаде може да се интервенира.
„Екипа од две возила и шест припадници на Армијата и 20 војници од гарнизон Штип од полигон Криволак интервенираат на линија на стариот пат Штип-Неготино. На тој дел утрово околу 8 часот интервенирал и хелихоптер на Армијата“,
информираат од Регионалниот ЦУК Штип.
Во Општина Неготино, во атарот на село Калањево горат ниска вегетација и шума.
На гасење на пожарот во Неготинско интервенираат пожарникари од бригадите во Неготино, Кавадарци, Свети Николе, доброволни противпожарни друштва, стотина припадници на Армијата и на МВР, јавни комунални претпријатија, припадници на Национални шуми, ДЗС, ловџии, волонтери и локалното население. Пожарот се гасел и од воздух со еден полициски, два армиски хеликоптера и два „ертрактори“ на ДЗС.
Општина Конче е третата општина на која се протега пожарот кај Серта. Таму се зафатени селата Горни и Долни Липовиќ, а зафатена од огнените јазици е нискостеблеста борова шума. Пожарот започна во неделата. Зафатени се околу 300 хектари сува трева, грмушки, прнар, нискостеблеста шума и бор.
„Од општина Конче е интервенирано со багер и е направен појас за да се спречи ширење кон село Долни Липовиќ. Интервенирале осум лица од Друштво за противпожарно делување Горица, како и едно противпожарно возило и два пожарникари од бригадата Радовиш и од Национални Шуми со 5 вработени“,
информираат од ЦУК.
Освен пожарите во околината на планината Серта, во последните 24 часа активни се уште неколку други пожари.
На крајниот исток на земјава, во Општина Ново Село, на локација над селото Бадилен зафатена е дабова и борова шума. Пожарот започна минатата среда и е сè уште активен. Во текот на вчерашниот ден не било интервенирано поради непристапноста на теренот. Засега нема податоци за големината на опожарената површина.
Активен е и шумскиот пожар меѓу селата Негорци и Кованец во Гевгелиско кој започна во петокот и е сè уште активен, но со намален интензитет. Гори мешана шума, а досега се зафатени околку 100 хектари. Интервенирано е од петмина вработени во „Национални Шуми“, и од по еден од гевгелиската подружница на Дирекцијата за заштита и спасување и од противпожарната бригада Гевгелија со две теренски возила.
Активен пожар има и кај селата Дреново и Долно Јаболчиште во Општина Чашка. Зафатена е нискостеблеста деградирана шума и дел од дабова шума на површина од 20 хектари. Пожарот е сè уште активен, а на негово гасење интервенирале припадници на „Национални шуми“, вработени во Единицата за локална самоуправа Чашка, Јавното претпријатие за комунални дејности, полицајци од станицата во Чашка и дел од месното налесение.
„Пожарот е приземен и насочен кон карпестиот дел на врвот Лисец. Не пости опасност да зафати населени места. Во текот на денешниот ден повторно ќе се интервенира“,
информираат од Регионалниот ЦУК Велес.
Опожарена трева и нискостеблеста вегетација има и кај селата Црнилиште, Слепче и Гостиражни во Општина Долнени. Поголем дел од пожарот кај селото Црнилиште, кој почна во саботата, е локализиран. Активен е кракот кон село Слепче каде што гори ниска вегетација и сува трева. Пожарот е на непристапен терен и засега нема загрозени населени места. Во текот на денешниот ден ќе има податоци за зафатената површина. На местото интервенирале тројца пожарникари од прилепската бригада, а нивна интервенција е најавена и за денеска.
Меѓународна помош за домашна интервенција
За гасење на пожарите од воздух, според информации на „360 степени“, на располагање се два од трите „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), два полициски и два армиски хеликоптери.
Освен домашните капацитети, премиерот Христијан Мицкоски викендов најави дека помош за гасење на пожарите е побарана и од Словенија, Турција, Србија и Црна Гора. Првата пратка меѓународна помош, која веќе пристигна во државата, е онаа од Турција. Тамошните власти во земјава денеска доставија еден хеликоптер и два „ертрактори“ кои, според последните информации на ЦУК, веќе треба да интервенираат на терен.
Двата турски „ертрактори“ треба да се приклучат кон гасење на пожарот во Општина Ново Село, а хеликоптерот ќе им се приклучи на полицискиот и армискиот хеликоптер кои во моментов интервенираат на пожарот на Серта.
СДСМ го повика државниот врв на будност, Владата прогласи кризна состојба
Поради зголемениот број на пожари на отворено, Владата викендов прогласи кризна состојба во рок од 30 дена.
Тоа, меѓу другото, подразбира зголемен ангажман на полициските сили при гасење на пожарите, како и приправност на здравствениот персонал. Во рамки на владината одлука е и предлогот до шефицата на државата за учество на дел од припадниците на Армијата во справувањето со кризната состојба.
На одлука на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, од денеска почнува да важи и целосна забрана за движење во шуми и шумско земјиште поради зголемена опасност и превенција од појава на пожари. Забраната ќе трае секој ден од 06:00 до 20:00 часот сè до денот на нејзиното отповикување.
Пред Владата да прогласи кризна состојба на целата територија на државата, опозицискиот СДСМ го повика државниот врв на будност и на соодветно менаџирање со пожарите. Партијата побара вонредна состојба, итна консолидација и реакција на сите институции, а доколку е потребно и обезбедување поддршка од соседните земји.