Претставници на МАНУ, универзитетските заедници, бизнис секторот, стопанските комори и опозицијата се дел од економскиот совет – ад-хок тело кое ќе дава насоки и препораки за справување со последиците по економијата од коронавирусот.
Ова тело денеска одржало состанок на иницијатива на премиерот Оливер Спасовски, информираа од Владата.
Меѓу имињата кои биле на состанокот се и поранешните министри за финансии, Драган Тевдовски од СДСМ и Трајко Славевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Присуствувале и членовите на владата од економските сектори, како вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска, министерката за финансии Нина Ангеловска, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за земјоделство Трајан Димковски, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и министерот за животна средна Насер Нуредини. Од функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, пак, била и дополнителната заменик-министерка за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
„Учесниците на состанокот нагласија дека најважниот фокус на мерките за поддршка во справувањето со последиците од коронавирусот треба да биде финансиската поддршка на здравствениот систем за да се превенираат и последиците по јавното здравје за да не се случи подраматично влијание и штети во економскиот и финансискиот сектор“,
соопштија од Владата.
Оттаму испратија и список на учесниците, па така, освен споменатите имиња на состанокот присуствувале: Таки Фити, Абдулменаф Беџети, Зоран Јовановски, Фатмир Бесими, Никола Поповски, Ванчо Узунов, Светозар Јаневски, Павле Гацов, Борче Треневски, Марјан Петревски, Андреја Јосифовски, Виктор Мизо и Предраг Трпевски, како и претставниците на стопанските комори Даниела Арсовска, Бранко Азески, Анета Пешева и Неби Хоџа.