Откако македонската репрезентација се погоди со италијанската во ждрепката за квалификациите за Еуро 2024, Манчини се потсети на болниот пораз од Палермо годинава и рече дека мора секој натпревар да се сфати сериозно
Украина е уште еден од противниците на македонските фудбалери, а нивниот селектор рече дека неговите момци сакаат војната да заврши за да може да ги играат натпреварите на украинските стадиони
Македонскиот селектор Милевски, пак, групата ја оцени како пеколно тешка и рече ако сами сме си ги бирале противниците, потешки не би можеле да избереме

Италијанскиот селектор Роберто Манчини ќе добие шанса да ѝ се одмазди на репрезентацијата на Северна Македонија која во март годинава ја победи Италија во полуфинален меч од борбата за пласман на Светското првенство што наредниот месец треба да се одржи во Катар.
Македонската и италијанската репрезентација се две од вкупно петте репрезентации кои во квалификациската група Ц ќе се борат за пласман на Европското фудбалско првенство во 2024 година во Германија.
Извлекувањето се одржа денеска во Франкфурт при што во групата Ц се паднаа:
- Северна Македонија;
- Италија;
- Англија;
- Украина;
- Малта.
Во првичните реакции од селекторите на репрезентациите, Манчини рече дека е задоволен, но и се потсети што се случи при последната средба на неговата со нашата репрезентација во Палермо при што рече дека Северна Македонија е најтешкиот противник што можеле да го добијат во споредба со останатите репрезентации кои беа со нас во четвртиот шешир.
„Тоа е еден од оние натпревари што ги добивате одново и одново, а како што видовме во Палермо, мораме сериозно да го сфатиме секој натпревар дури и оние што изгледаат наједонставни“,
изјави Манчини за италијанските медиуми.
За Англија, пак, рече дека занел оти ќе ја добијат или неа или Франција.
„Знаев дека ќе ги добиеме или Англија или Франција, но тоа е во ред. Тоа е пристојна група со пет тима, без лесни натпревари, но на сите можеме да одиме на победа“,
вели Манчини.
Селекторот на Украина, Александар Петраков, пак, порача дека украинските фудбалери не треба да се плашат од никого и да направат се да зависи од нив.
„Еднаш ја победивме Англија во елитната рудна, ја победивме и Италија во полуфиналето на Светското првенство У-20 во 2019 година. Тоа е многу добро за момците, тие имаат можност да ја бранат честа на нашата репрезентација и да покажат добра игра, да играат за задоволство на нашите вооружени сили, на сите луѓе во Украина. Борбата е пред нас, нема да се предадеме. Мотивацијата ќе биде на највисоко ниво“,
рече Петраков.
На прашање какво е расположението меѓу фудбалерите, тој рече дека е добро, но и сите момци сакаат војната да заврши и да може да играат на нивните стадиони во Украина, вклучително и квалификациите за Европското првенство во 2024 година.
Првична реакција имаше и селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски кој оцени дека сме ја добиле најтешката група.
„Ја добивме најтешката можна група. Веројатно и сами да биравме, посилни противници немаше да можевме да избереме. Но, ние веќе се навикнавме на ваква среќа. Ги добивме финалистите од последното Европско првенство и апсолутни фаворити за првите две места во групата. Се разбира дека ќе ја бараме нашата шанса и ќе се обидеме да останеме конкурентни до самиот крај, а објективните околности ќе покажат дали може да се надеваме на висок пласман. Групата е пеколно тешка, а такви ќе бидат и натпреварите. Наше е да веруваме во себе“,
истакна Милевски.
Во квалификациите за претстојното Европско првенство ќе настапат вкупно 53 репрезентации кои ќе се борат за 23 места на завршниот турнир, а Германија како организатор автоматски избори пласман. Тие ќе се играат од март до ноември 2023 година.
Русија поради суспензијата нема да настапи во евроквалификациите.
Победниците и десетте најдобро второпласирани репрезентации ќе обезбедат директен пласман на ЕУРО 2024, додека преостанатите три места ќе бидат пополнети преку плејоф.