Потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски вели дека ако нема договор за избори до крајот на вонредната состојба, тогаш по нејзино завршување, ќе продолжат да течат изборните рокови.
Во гостувањето во емисијата „Детектор“ на Сител, тој посочи дека ако има потреба ќе има нова лидерска средба за да се донесе одлука за датум за избори со консензус.
„Изборите е најдобро да се случат со консензус затоа што имаме време и волја. Очекувам и друг тип на состаноци дека ќе има, но најмалку една лидерска ќе треба за да се договориме. До крајот на вонредната состојба имаме можност да направиме спогодба, а ако до тогаш нема договор, тогаш по завршување на вонредната состојба ќе почнат подготовките, согласно закон, односно ќе продолжат изборите онаму каде што застанаа“,
рече потпретседателот на СДСМ.
Манчевски порача дека поради заканата од втор бран на вирусот, не смее да се ризикува изборите да бидат наесен.
„Сите експерти зборуваат дека на есен ќе имаме нов бран на вирусот и затоа не смееме да ризикуваме. Колку повеќе се приближуваме кон декември, кога истекува мандатот на актуелните пратеници, толку повеќе ќе имаме уставни проблеми“,
рече Манчевски.
