Ако нема ново дополнително продолжување на вонредната состојба, немаме избор, законот е јасен, изборите треба да се одржат на 5 јули, рече министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски во изјава за Канал 5.
Според него најдобро е да се оди на избори со консензус од сите политички субјекти, додавајќи дека опозицијата бега од избори, бидејќи ги знае рејтинзите, кои покажуваат водство на СДСМ.
„Она, што според мене е поважно од датумот на избори, дали на 5 јули или некој друг ден, е изготвување на протоколи за организација на изборите, протокол за изборна кампања, за денот на изборите“,
рече Манчевски.
Тој нагласи дека ние сме единствена држава во светот која нема собрание, имаме техничка влада, што требаше да подготви избори, а здравствената криза нè затече во таков период, но тоа не значи дека треба да трае вечно.
„Сега и секојдневните проблеми на граѓаните се решаваат со уредби и затоа е неопходно што побрзо да имаме легитимни институции, согласно здравствените протоколи за заштита на безбедноста на граѓаните“,
рече Манчевски.
