„Последните две години неправедно бев повикуван. После сè што дадов, чувствувам дека Македонија премногу лесно се откажа од мене. Тоа премногу ме погоди и после долго размислување ја донесов оваа одлука“, напиша ракометарот на Фејсбук
Ракометарот Дејан Манасков денеска соопшти дека во следниот период нема да настапува за македонската ракометна репрезентација. Ова тој го објави на социјалната мрежа Фејсбук, посочувајќи дека причина за неговата одлука се нарушените односи со селекторот на репрезентацијата, Кирил Лазаров.

„Во моментов, за доброто на националниот тим, нема да настапувам за македонската ракометна репрезентација. Во изминатите единаесет години, колку што настапував за македонската селекција, секогаш со чест и гордост го носев светиот дрес. Се борев и настапував со цело срце“,
пишува Манасков.
Во неговото обраќање до јавноста зошто ја донел одлуката, посочува дека неговите односи со селекторот Кирил Лазаров се нарушени и оти не гледа простор во моментов истите да се подобрат.
„Последните две години неправедно бев повикуван. После сè што дадов, чувствувам дека Македонија премногу лесно се откажа од мене. Тоа премногу ме погоди и после долго размислување ја донесов оваа одлука. Им посакувам многу среќа и успех на репрезентативците во следниот период. Дотогаш ќе бидам ваш најголем навивач и поддржувач. До некое следно видување Македонијо“,
вели тој.
Македонската ракометна репрезентација во рамки на неделата на Европската ракометна федерација (ЕХФ) ќе се подготвува во Скопје, а ќе одигра и два натпревара со Јапонија.
