Од страна на лекар во старата градска општа болница „Свети Наум Охридски“ биле констатирани тешки телесни повреди – убодни рани кај Р.К., кој е задржан на понатамошно лекување

Едно 16-годишно лице е лишено од слобода и му е одреден 30-дневен притвор под сомнение за обид за убиство, откако синоќа во село Студеничани, скопско, со нож нападнал 55-годишен маж.
Нападот, како што информираат од Министерството за внатрешни работи, се случил вчеравечер околу 20 часот, во близина на џамија во село Студеничани.
Лицето Р.К. (55) од истото село пријавил дека бил физички нападнат од две шеснаесетгодишни малолетни лица. Пред нападот, едно од малолетните лица упатил вербална закана по неговиот живот, по што извадил нож, се затрчал кон Р.К. и го нападнал.
Од страна на лекар во старата градска општа болница „Свети Наум Охридски“ биле констатирани тешки телесни повреди – убодни рани кај Р.К., кој е задржан на понатамошно лекување.
Надлежен јавен обвинител е известен за случајот, а полициска екипа извршила увид на местото на настанот.
Инспектори од Единицата за внатрешни работи – Оддел за криминалистичка полиција Аеродром составиле записник за примање на пријава по член 123 во врска со член 19 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија, кој се однесува на обид за убиство.
По насоки на јавен обвинител за малолетници, 16-годишниот малолетник е лишен од слобода во полициската станица „Драчево“, а потоа му е определена мерка притвор во траење од 30 дена. Лицето, додаваат од МВР, е предадено во казнено-поправната установа затвор „Скопје“.