Медиумите известуваат дека напаѓачот имал фантомка на главата и носел бела маица со црн натпис „Ниеден живот не е важен“. Сè уште не е познато дали ги нападнал децата случајно или имал однапред одредени цели

Сериозен и трагичен инцидент се случил во училиште во Московскиот регион, утрово кога малолетник со нож извршил напад во училиште. Петнаесетгодишник е уапсен во селото Горки, во близина на Москва, откако е осомничен за убиство на десетгодишно момче. Тој тешко ранил уште тројца ученици и еден обезбедувач.
Според достапните информации, тинејџерот Т.К. е ученик во деветто одделение во училиштето. Тој го започнал нападот така што дошол вооружен, прво го испрскал човекот од обезбедувањето со спреј, а потоа го прободел со нож. Потоа влегол во училиштето и почнал да ги напаѓа децата.
Медиумите известуваат дека напаѓачот имал фантомка на главата и носел бела маица со црн натпис „Ниеден живот не е важен“. Сè уште не е познато дали ги нападнал децата случајно или имал однапред одредени цели.
Едно момче починало од повредите, додека уште тројца ученици биле тешко повредени. По нападот, кога полицијата веќе била во училиштето, осомничениот зел едно дете како заложник и се заклучил во училница со него, држејќи му нож на вратот. Полицијата успеала да ја скрши вратата и да го совлада.
Напаѓачот се снимил себеси како носи нож и напаѓа.
На социјалните мрежи се појавија снимки на кои се гледа како целосно опремени полицајци го приведуваат осомничениот и го ставаат во патролно возило. Голем број полициски патролни возила и амбулантни возила имало на местото на настанот.
Според неофицијални информации, во куќата на момчето се пронајдени предмети што укажуваат дека нападот бил планиран, а наводно биле откриени и импровизирани експлозивни направи.
Полицијата на Московскиот регион информира дека повикот за вонредната состојба бил примен во 9:00 часот утринава.
Според извештајот, еден ученик избодел чувар, го испрскал со бибер спреј, а потоа избодел 10-годишен ученик, кој починал од раните.
„Истрагата е во тек. Според прелиминарните информации, тој ја признава вината“,
изјави портпаролката на Главната истражна управа на Истражниот комитет за Московскиот регион Олга Врадиј.
