Таткото е хоспитализиран во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде и по извршениот хируршки зафат се наоѓа во животозаггорзувачка состојба
Скопското Основно јавно обвинителство повело постапка против 17-годишно дете кое со остар предмет се обидело да го убие сопствениот татко.

Крвавиот настан се случил на улицата „Христијан Тодоровски Карпош“ во Скопје, во семејниот дом на осомниченото дете, кое, според Обвинителството, со умисла се обидело да го лиши од живот својот родител.
„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до надлежен судија за деца поднесе барање за поведување подготвителна постапка спрема 17-годишно дете во судир со законот, за кое постои основано сомнение дека извршило дејствие што со закон е определено како кривично дело – убиство по член 123 став 2 точка 2 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик“,
се наведува во соопштението од Јавното обвинителството.
Во краткиот опис на настанот, од Обвинителството наведуваат дека додека таткото бил во спалната соба, детето му пришло од зад грб и со остар предмет му нанело 10 убодни рани. Во тие моменти, мајката која била во близина, успеала да го оттурне малолетникот и веднаш повикала медицинска помош.
Таткото бил хоспитализиран во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде и по извршениот хируршки зафат и понатаму се наоѓа во животозаггорзувачка состојба.
Од Обвинителството додаваат дека со барањето за поведување подготвителна постапка во согласност со Законот за правда за децата, јавниот обвинител предложил на малолетникот да му биде определена и мерка притвор.