Општина Кочани ќе мора да издаде дозвола за изградба на мала хидроцентрала на Мала Река кај Гратче бидејќи инвеститорот ги обезбедил сите потребни документи од надлежните министерства.
Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, во изјава за ТВ Стар ја потврди информацијата.
„Лицето што ја има обезбедено концесијата ги има обезбедено и сите потребни документи што ги издаваат надлежните министерства. А со тоа се остварени сите услови за почеток на градба на малата хидроцентрала. Општината во овој случај е следбеник, односно го исполнува она што мора по закон да го направиме“,
рече Илијев.
Советниците на Општина Кочани од сите партии се изјасниле дека се против градење на оваа малата хидроцентрала.
Независниот советник Венко Крстевски за ТВ Стар вели дека заклучиле оти целата постапка за изградбата на малата хидроцентрала е нерегуларна.
„Немаше ниту јавна расправа, иако претходниот градоначалник тврди дека имало, и тој има дадено позитивно мислење во врска со изградбата на хидроцентралата. Во консултација со стручни лица се поставува и прашањето како е возможно да се гради хидроцентрала на такво место каде што капацитетот е многу мал“,
вели Крстевски.
Идната хидроцентрала треба да биде лоцирана во заштитеното подрачје Осоговски Планини, на поток што се влева во вештачката акумулација Гратче и во поголемиот дел од годината речиси пресушува.
Како што објави „Слободен печат“, концесијата на малата хидроцентрала на Мала Река ја има добиено фирмата ДИС „Енергија“ од Скопје, која исто така е концесионер и на МХЕЦ на Шталковичка Река во пробиштипското Турско Рудари.
Еколошките здруженија велат дека доколку се изградат хидроцентралите ќе биде нанесена непоправлива еколошка штета.