Механизмот на Европската Унија за цивилна заштита е активен уште од самиот почеток на пожарите, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути. Тој вели дека со помошта од Австрија, Словенија и Бугарија и воздухопловот од Романија состојбата се држи под контрола. Максути заедно со евроамбасадорот, Дејвид Гир, денеска го посетија кампот на австриските пожарникари во Пехчевско.
Максути нагласи дека ветерот одвреме навреме прави потешкотии во справувањето со пожарите, но дека сите припадници кои се на терен оневозможуваат тој да се проширува на други предели. Како што посочи, утринава временските услови биле поповолни, но напладне дошло до нагло влошување на ситуацијата затоа што ветерот го носел пожарот кон југ.
Информираше дека пожарот кај селото Мачево е речиси изгаснат, а останува пожарот кај Будимирци.
„Првичната задача ни беше да спасиме што е можно повеќе материјални добра и луѓе од селата кои беа загрозени, но со една инклузивност, односно вклученост на сите актери во овие настани, досега бевме на ниво на задачата и ќе продолжиме понатаму“,
изјави Максути.
Евроамбасадорот Гир се заблагодари за посветеноста на европските држави за справувањето со пожарите во Малешевијата.
„Длабоко сум импресиониран од посветеноста на различните тимови од Австрија, Словенија и Бугарија, но и од посветеноста на локалната заедница која мошне јасно нè информира за ситуацијата. Овде сме и да се заблагодариме за контрибуцијата меѓу европските земји“,
изјави Гир.