Во врска со поплаките на граѓани за зголемена бучава во рамките на „Железара“, се огласија од фабриката „Макстил“ и соопштуваат дека за време на посетата на инспекторите од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), биле презентирани мерењата на бучавата согласно А дозволата извршени од страна на надворешна акредитирана лабораторија и било утврдено дека се во рамките на дозволеното.
Тие додаваат дека покрај „Макстил“ во комплексот на поранешна Железарница работат преку 60 правни субјекти, за кои ДИЖС утврдил дека голем дел немаат ни основни еколошки елаборати.
„Би сакале да ја информираме јавноста дека според мерните инструменти на Макстил, нема забележани надминувања на дозволените вредности од А интегрираната еколошка дозвола – измерените вредности се многукратно помали од дозволените“,
се вели во соопштението.
Од „Макстил“ додаваат дека како компанија ги почитуваат сите законски обврски и тврдат дека во секој момент производниот процес работи според А интегрираната еколошка дозвола.
„Ја поздравуваме професионалноста и ангажираноста на инспекциските служби и ги охрабруваме и понатаму да продолжат со редовни и вонредни контроли и проверки, како би се детектирале вистинските учесници кои придонесуваат во загадувањето на Скопје за истото да се спречи за доброто на сите“,
се вели во соопштението.
Претходно, ДИЖС информираше дека извриле вонреден инспекциски надзор во кругот на стара „Железара“ и откриле дека таму работат фирми без елаборати за заштита на животната средина. Изминатите два дена нивните инспектори задно со Инспекторатот на Град Скопје направиле вонреден надзор во индустриската зона, каде што работат неколку компании. Контролите биле направени во средата (9 декември) и синоќа (10 декември) по барање на жителите на Гази Баба.