Целта на анонимната пријава, во врска со предмет за исплати на надоместоци на вработени во Општина Куманово, но и на сите други кои биле поднесувани претходно, кумановскиот градоначалник ја оцени како вршење притисок и обид за дефокус од неговите секојдневни активности во Општината
Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски денеска бил повикан на информативен разговор во Секторот за внатрешни работи Куманово по, како што изјави самиот на прес-конференција, анонимна пријава во врска со предмет за исплати на надоместоци на вработени во Општина Куманово.

Димитриевски вели дека вработените во Општината постапуваат во согласност со законите, а платите на овие лица со децении се исплаќаат согласно истата методологија на пресметка. Целта на анонимната пријава, но и на сите други кои биле поднесувани претходно, тој ја оцени како вршење притисок и обид за дефокус од неговите секојдневни активности во Општината.
„Како се наближуваат изборите така и притисокот е сè поголем. Овде се со мене само дел од пријавите што секојдневно ние како општина и институција ги добиваме по однос на прибирање на материјали и докази за лажно поднесени кривични пријави или ‘анонимки’ како што се викаат од страна на Н.Н. лица“,
рече Димитриевски на денешната прес-конференција.
Кумановскиот градоначалник вели дека ова е класичен пример на злоупотреба од страна на поединци кои менаџираат со овој ресор во партиско-политички цели на институциите.
„Се случува еден преседан, секојдневно се пишуваат анонимни кривични пријави до МВР, од МВР завршуваат во Основно јавно обвинителство, се добиваат насоки за постапување, се отвораат предмети кои на крајот не резултираат со ништо. Се трошат ресурси, ние ги плаќаме сите тие лица коишто се ангажирани на тие активности, а во меѓувреме државата тоне во корупција“,
рече Димитриевски.
Кумановскиот градоначалник додаде дека тој и вработените во Општината ќе соработуваат со секоја истрага што ќе се води, но и го повика обвинителството да отвори предмет и да ги открие лицата што ги пишуваат ваквите анонимни пријави. На надлежните кои раководат и менаџираат со институциите, особено со Министерството за внатрешни работи, пак, Димитриевски им порача да се фокусираат на разбивање на корупцијата.