Портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов, посочи дека партијата настапува релаксирано на овие локални избори и без притисок за кандидирање на градоначалници во голем број на општини по секоја цена. Од друга страна, пак, како што додаде, ЗНАМ ќе настапи самостојно со многу сериозни кандидатски листи за советите во над 50 општини низ државата
Актуелниот градоначалник на Куманово и претседател на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, и официјално е утврден за кандидат за градоначалник на оваа општина. Одлуката едногласно е донесена на денешните седници на Извршниот и Централниот одбор на ЗНАМ – За наша Македонија.

Покрај Димитриевски, кој ќе трча за трет мандат во Куманово, ЗНАМ на локалните избори ќе се обиде да го освои и градоначалничкото место на скопски Центар, каде што ќе го номинира Мирослав Лабудовиќ – актуелен заменик-министер за енергетика, рударство и минерални суровини.
„Централниот одбор ја усвои одлуката за заемна соработка и поддршка со ВМРО-ДПМНЕ во делот на кандидатите за градоначалници. Оваа одлука значи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи кандидатите на ЗНАМ и во тие општини нема да имаат свој кандидат за градоначалник, а од дргуа страна ЗНАМ ќе ги поддржи кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ во сите општини, вклучувајќи го и градот Скопје“,
изјави портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов.
Тој посочи дека ЗНАМ настапува релаксирано на овие локални избори и без притисок за кандидирање на градоначалници во голем број на општини по секоја цена. Засега, како што рече, утврдени се овие два кандидати, но не се исклучува можноста да бидат номинирани кандидати и во други општини.
Од друга страна, пак, како што додаде Мемов, ЗНАМ ќе настапи самостојно со многу сериозни кандидатски листи за советите во над 50 општини низ државата.
„Нашите кандидати не се само имиња на изборен плакат – тие се личности кои имаат чист образ, јасен план и визија да донесат вистински промени во своите општини, достојни на довербата што ќе ја добијат. Ние веќе докажавме преку нашето учество во Владата дека знаеме да раководиме со институции на независен и ефикасен начин, со еден и единствен приоритет – интересот на граѓаните и националните интереси на Македонија“,
рече портпаролот на ЗНАМ по вечерашните седници на Извршниот и Централниот одбор на партијата.