„Од граѓаните за граѓаните“ е мотото на партијата во формирање, чија основна цел, како што рече Димитриевски во своето обраќање, ќе биде да ги обедини граѓаните и да ја врати земјата на вистинскиот пат, „на темелите на нашата државност“. Целта, посочи тој, не е да бидат во опозиција, туку да ја освојат власт, а првиот чекор што ќе го направат од таа позиција ќе биде поништување на Кривичниот законик кој беше донесен со „европско знаменце“
Иницијаторот на движењето и негов иден претседател Димитриевски најави дека веќе од утре ќе почнат со собирање потписи, со цел што поскоро да се регистрираат како нов политички субјект и веднаш да почнат со работа
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски вечерва во Скопје го промовираше новиот политички субјект „Движење за наша Македонија – ЗНАМ“.

Идеен творец на движењето е Димитриевски, кој заедно со претставници на десет граѓански задруженија од исто толку градови во земјата ја потпишаа иницијативата за негово формирање.
„Од граѓаните за граѓаните“ е мотото на партијата, рече кумановскиот градоначалник во своето обраќање, чија основна цел ќе биде да ги обедини граѓаните и да ја врати земјата на вистинскиот пат, „на темелите на нашата државност“.
„Нашата основа цел е да се вратиме на темелите на нашата државност, тоа што во континуитет го газат. Илинденците и АСНОМ-ците ќе ни стојат како сенка, а ние ќе газиме напред заедно со граѓаните на Македонија и притоа нема да делиме никој, ниту по вера, ниту по етнос, ниту пак по припадност, туку ќе бидеме обединети сите за Македонија. Но, притоа на тој пат ќе мора и да учиме особено ние Македонците, да учиме од нашите сограѓани Албанци да постигнеме национален консензус на македонскиот народ во оваа држава. Инаку, ако не го направиме тоа ќе не нема драги мои пријатели. Бидејќи како што велат, ножот е дојден до коска“,
рече Димитриевски.
Целта, посочи тој, не е да бидат во опозиција, туку да ја освојат власт, а првиот чекор што ќе го направат од таа позиција ќе биде поништување на Кривичниот законик кој беше донесен со „европско знаменце“.
„Законот мора да се ревидира и треба да се донесе комплетно нов Кривичен законик кај што овие неправди коишто се направени се со единствена цел да се обезбеди само амнестирање на одредени поединци во повторна постапка доколку се обноват истите постапки за одредени функционери. Сметам ако веќе имате одговорност треба и да сносите одговорност пред законот доколку сте се огрешиле“,
рече иницијаторот и иден претседател на новиот политички субјект.

Димитриевски истакна дека граѓаните се фрустрирани и разочарани и дека мора да им се врати надежта за светла иднина. Говорејќи во контекст на измените на Кривичниот законик, тој порача дека ќе се залагаат за целосна департизација на судството, обвинителството и полицијата.
Стопанството, образованието и здравството, според него, исто така ќе бидат во нивниот фокус, а државните институции, како што рече, ќе ги водат професионалци.
„Ќе се заложиме за заштита на природните ресурси и национални добра. Македонија ќе ја направиме да биде самоодржлива држава. Последните 20 години поминавме низ три реформи во образовниот процес. Факт е дека се работи на квантитет, а не на квалитет. Факт е дека создаваме необразовани генерации и тоа мора да се искорени. Студентите се нашата иднина. Ќе им ги дадеме сите можности да студираат бесплатно, а не да плаќаат. Да имаат можност да студираат во странство на сите врвни универзитети. Наместо да не лекуваат не убиваат, живи не палат поради пустата алчност за пари, не лекуваат по потреба и закажуваат термини на тезга! Здравство мора да има за секој, вклучувајќи ги и оние дечиња кои чекаат за апаратчиња за мерење дијабетес. Ќе мора да има одговорност. Со движењето ЗНАМ ќе одговараат сите коишто се огрешиле бидејќи нашиот македонски народ и сите граѓани на Македонија го заслужуваат тоа“,
рече Димитриевски.
Пред присутните на свеченото потпишување на иницијативата се обрати и генерал мајор во пензија Павле Арсовски, кој изрази уверување дека движењето ќе ги собере на едно место сите способни, несебични и непоткупливи патриоти, граѓани кои си ја сакаат државата. Движењето, рече тој, ќе ги артикулира барањата и потребите на граѓани и ќе ја гради Македонија како дом на просперитетни, задоволни луѓе.
„Ни претстојат денови, недели и месеци на напорна работа. Убеден сум дека ќе успееме да го вратиме достоинството и на институциите и на граѓаните“,
порача Арсовски.

Свое онлајн обраќање имаше и универзитетскиот професор и писател, Венко Андоновски кој порача дека стои зад движењето затоа што знае дека тоа во себе вклучува образовани и паметни, а пред сè чесни и луѓе со морал и доблест кои можат да ја извлечат Македонија од сегашниот ќорсокак.

Перофесорката Катерина Тодоровска порача дека е потребно државата да ја вратат на колосекот на нормална држава, а тоа може да се постигне преку обезбедување одлично образование, со доаѓање на вистински кадри на вистинските меса и посветна работа.
„Прво обврски, па привилегии“,
порача Тодоровска.

Иницијаторот на движењето и негов претседател Димитриевски најави дека веќе од утре ќе почнат со собирање потписи, со цел што поскоро да се регистрираат како нов политички субјект и веднаш да почнат со работа.
Новиот политички субјект доаѓа во пресрет на парламентарите и претседателските избори догодина, а неговото формирање Димитриевски го најави во март годинава.
Тогаш тој најави дека движењето ќе има многу поддржувачи и од СДСМ, и од ВМРО-ДПМНЕ, но најголем дел ќе бидат неопределени граѓани што не се занимавале со политика и имале резултат во своето работење.
Димитриевски во моментов го извршува својот втор мандат како градоначалник на Куманово. Првиот, од 2017 до 2021 тој го доби како кандидат на СДСМ. Откако не ја доби довербата од партијата за втор мандат, тој на локалните избори во 2021 настапи како независен кандидат со здружение „За наше Куманово“.