Од утре, како што најави Мемов, започнува постапката за собирање потписи и граѓанската поддршка за нивниот кандидат за претседател на Македонија
Кандидат за претседател од редовите на „Движењето ЗНАМ – За наша Македонија“ да биде Максим Димитриевски, актуелниот градоначалник на општина Куманово. Ова денеска на прес-конференција го соопшти Никола Мемов, портпаролот на ЗНАМ, посочувајќи дека оваа одлука ја донел Извршниот одбор на ЗНАМ и му ја предложил на Првиот конгрес на партијата.

„На Македонија ѝ е потребeн татко на нацијата, чувар на идентитетот и заштитник на историјата. На Македонија ѝ е потребна предвидливост, надеж, стабилност, сигурност, правда и иднина. На Македонија е потребен претседател кој ќе го даде максимумот за неа. На Македонија ѝ е потребен Максим Димитриевски. На овие избори граѓаните за првпат ќе имаат можност да го дадат својот глас за одредена опција, а не како досега да гласаат против. Крајно време да се случи вистинската промена на политичката сцена во Македонија“,
рече тој.
Од утре, како што најави Мемов, започнува постапката за собирање потписи и граѓанската поддршка за нивниот кандидат за претседател на Македонија.
„Ги повикуваме граѓаните да се одважат и масовно да ја поддржат кандидатурата на Максим Димитриевски за претседател со давање потпис во општинските канцеларии на Државната изборна комисија“,
вели Мемов.
Во декември минатата година, Димитриевски најави дела на претстојните парламентарни и претседателски избори ќе настапи со новоформираната партија „ЗНАМ – За наша Македонија“. Тогаш сè уште беше во дилема дали ќе се кандидира за премиер или ќе остане прв човек на Куманово, но најави дека одлуката ќе ја донесе сам во консултација со легитимните тела на партијата.
„Ова е голема лична дилема за мене бидејќи имам уште незавршени проекти кои сум им ги ветил пред кумановци. Ќе барам што е приоритет. Македонија е поголем приоритет од Куманово“,
рече тогаш Димитриевски.
Еден месец претходно, новиот политички субјект „Движењето ЗНАМ – За наша Македонија“ одржа основачко собрание, на кое за претседател беше избран Димитриевски.