Три месеци откако прогласи „војна“ со епидемијата на ковид-19, францускиот претседател Емануел Макрон во телевизиското обраќање до нацијата ја прогласи првата победа над коронавирусот.
„Војната против епидемијата не е готова, но сум среќен поради оваа прва освоена битка против вирусот“, рече Макрон.
Макрон рече дека цела Франција од денеска е во т.н „зелена зона“, вклучувајќи ги и местата што се сметале за жаришта.
Тоа значи дека животот постепено се враќа во нормала и се укинуваат рестрикциите. Сите кафеани, ресторани и барови сега ќе можат да примаат гости, како во Париз и парискиот регион, каде што гостите беа служени само на терасите.
Макрон најави и дека границите на Франција со другите земји членки на Европската Унија ќе бидат отворен во понеделник, додека границите со земји надвор од блокот, „каде што е контролирана епидемијата“ ќе бидат отворени на 1 јули.
„Наскоро ќе ја вратиме Франција. Тоа не значи дека вирусот го нема и дека треба да се опуштиме. Ќе мора да ги почитуваме правилата за социјална дистанца уште долго време“,
рече Макрон
Макрон порача дека почнува период на обнова на земјата и рече дека треба да се учи од искуството со пандемијата.
Вториот круг од општинските избори, пак, рече дека може да се одржи на 28 јуни, па денеска започнува предизборната кампања, точно три месеци по првиот круг, што се одржа на почетокот од епидемијата со ковид-19.