„Времето е од суштинско значење. Нема да го продолжиме она што го доживуваме во последните шест месеци. Уште 18 месеци е предолг период кој ѝ штети на Франција. Политичката игра што ја играме денес е вознемирувачка“, изјави вчера Едуар Филип, премиер во првата влада на Макрон и еден од неговите главни сојузници
Францускиот претседател Емануел Макрон е под силен притисок да свика предвремени парламентарни избори или да поднесе оставка. Ова, како што анализира „Гардијан“, доаѓа откако неговите доскорешни сојузници почнаа да му се придржуваат на противничкиот табор во барањето претседателот на земјата да преземе чекори за да стави крај на политичката криза во втората по големина економија во Европската Унија (ЕУ), која трае веќе подолго време.

Просторот околу Макрон сè повеќе се стеснува по вчерашната изјава на премиерот во неговата прва влада, кој го повика претседателот да се повлече поради растечките фрустрациите во неговиот табор, поради еден од најлошите периоди на политички хаос во Франција од основањето на Петтата Република во 1958 година.
Едуар Филип, кој беше премиер од 2017 до 2020 година, а сега лидер на партија сојузничка на Макрон, вчера изјави дека францускиот претседател треба да свика предвремени претседателски избори откако ќе се усвои буџетот за следната година.
Инаку, за потсетување, Макрон беше реизбран за нов петгодишен мандат во април 2022 година, но неговите политички главоболки почнаа по предвремените парламентарни избори во 2024 година. Оттогаш премиерите што ги назначува претседателот не се во можност да соберат мнозинство во парламентот за усвојување на буџетот на земјата, што резултира со нивни оставки.
„Времето е од суштинско значење. Нема да го продолжиме она што го доживуваме во последните шест месеци. Уште 18 месеци е предолг период кој ѝ штети на Франција. Политичката игра што ја играме денес е вознемирувачка“,
рече Филип.
Според анкетите, Филип е кандидатот со најголеми шанси да го води политичкиот центар на следните претседателски избори, а како што пишува „Гардијан“, тој не единствениот меѓу поранешните премиери на Макрон кои се дистанцираат од шефот на државата.
И Габриел Атал, чиј краток мандат како најмлад премиер во историјата на Франција заврши минатата година, рече дека веќе не ги разбира одлуките на претседателот.
Атал, кој сега ја води главната сојузничка партија на Макрон, во изјава за француските медиуми рече дека откако за две години „изгореле“ пет премиери, време е да се направи нешто друго, притоа критикувајќи ја, како што ја нарече, решеноста на актуелниот француски претседател да ја задржи контролата.
Ваквите повици од сојузниците на Макрон дојдоа откако премиерот во заминување, Себастијан Лекорну, кој беше назначен пред неполн еден месец, во понеделникот поднесе оставка со целиот свој кабинет, избран 14 часа претходно. По ова, Макрон побара од премиерот да одржи разговори со партиските лидери и да се обиде да ја добие нивната поддршка.
Имено, Макрон му даде рок на Лекорну до крајот на денешниот ден да се обиде да „дефинира платформа за акција и стабилност“, но ваквата иницијатива наидува на непремостливи тешкотии бидејќи крајнодесничарскиот Национален собир, најголемата партија во францускиот парламент, одби да присуствува на состаноците.
„Овие безброј преговори веќе немаат за цел да ги заштитат интересите на францускиот народ, туку оние на самиот претседател“,
соопшти партијата, за која анкетите покажуваат дека ќе заврши прва на евентуални парламентарни избори, но веројатно нема да обезбеди мнозинство.

„Трагична фарса“ и „уште една демонстрација на распад“ на вториот мандат на Макрон се оценките во остриот воведен коментар на весникот „Ле Монд“, во кој се вели дека „претседателот се наоѓа во голема криза“.
Весникот ја критикува целата политичка класа во Франција, велејќи дека е неспособна да се справи со предизвикот и наместо „да изгради компромис неопходен за наредните месеци“, претпочита да ги гради своите позиции во пресрет на претседателските избори што треба да се одржат во 2027 година.
Франција е во политичка криза повеќе од една година откако изборите во 2024 година, распишани како одговор на успесите на крајната десница на европските парламентарни избори одржани истата година, доведоа до парламент поделен помеѓу три повеќе или помалку еднакви блока – левицата, крајната десница и централно-десничарскиот сојуз на Макрон, без мнозинство.
Меѓу опциите што му остануваат на Макрон е повторно да го назначи Лекорну, да избере нов премиер, кој би бил непартиски политички технократ или повторно да го распушти парламентот и да одржи нови парламентарни избори.
Од друга страна, Макрон подолго време вели дека не сака нови парламентарни избори бидејќи анкетите сугерираат оти тие би резултирале со уште еден поделен парламент.
Сепак, францускиот претседател во понеделникот навести дека е подготвен и за ваква опција доколку Лекорну не успее во својата мисија да обезбеди поддршка.
Макрон, исто така, постојано инсистира дека нема да поднесе оставка пред крајот на неговиот мандат во 2027 година.
Повиците од сојузниците на Макрон се поклопуваат со сличните барања кои доаѓаат од противниците на претседателот, како од левицата, така и од крајната десница.
Лидерот на крајнодесничарскиот Национален собир, Жордан Бардела, вчера изјави дека и тој поддржува нови парламентарни избори или предвремени претседателски избори.
„Го повикувам претседателот на републиката да го чуе страдањето во земјата, да излезе од својата изолација и да го распушти националното собрание. Мора да се вратиме кај францускиот народ за да може самиот да избере мнозинство“,
рече Бардела.
Лекорну вчера се сретна со лидерите на центристичката алијанса на Макрон и конзервативните републиканци, при што партиите наводно се согласиле дека наоѓањето договор за итно усвојување на планираниот буџет за штедење за следната година мора да биде врвен приоритет.
Политичката криза се одвива во контекст на продлабочените финансиски проблеми на Франција, чиј национален долг, во однос на бруто-домашниот производ е трет највисок во Европската Унија и речиси двојно поголем од дозволениот плафон според правилата на Унијата.
Сепак, на Лекорну ќе му биде потребна поддршката од другите, вклучително и од централнолевичарската Социјалистичка партија, за да има каква било надеж за мнозинство во парламентот за да го одобри буџетот. Од друга страна, социјалистите повикаа на „промена на курсот“ под нова „левичарска влада“.