Спортистите од Русија и Белорусија се соочија со санкции во многу спортови од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. И покрај војната, МОК препорача руските и белоруските спортисти да можат да се натпреваруваат под неутрално знаме на меѓународни натпревари
Францускиот претседател Емануел Макрон во интервју за спортскиот весник „Л’Екип“ изјави дека „не може да има руско знаме на Олимписките игри во Париз во време кога Русија врши воени злосторства“.
„Очигледно, на Игрите во Париз не може да има руско знаме, верувам дека има консензус затоа што за Русија како земја нема место на Олимпијадата во време кога изврши воени злосторства, кога депортираше деца“,
рече Макрон за „Л’Екип“.
Запрашан за можното присуство на некои руски спортисти на Летните олимписки игри 2024 како неутрални спортисти, францускиот претседател одговори:
„Се надевам дека ова е совесна одлука во олимпискиот свет. Не треба земјата домаќин да одлучува што треба да направи Меѓународниот олимписки комитет (МОК). Имам целосна доверба во Томас Бах, претседателот на Меѓународниот олимписки комитет“.
Спортистите од Русија и Белорусија се соочија со санкции во многу спортови од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. И покрај војната, МОК препорача руските и белоруските спортисти да можат да се натпреваруваат под неутрално знаме на меѓународни натпревари.
Макрон, исто така, изрази желба „Украинците да се обидат да го разберат овој начин на размислување“.
„Вистинското прашање што ќе треба да го реши Олимпискиот совет е какво место да им посвети на овие руски спортисти кои понекогаш го поминуваат целиот свој живот подготвувајќи се за натпреварување, но можат да бидат и жртви на овој режим. МОК мора да донесе одлука која ќе биде фер и разбирлива за Украинците. Тоа е рамнотежа што ќе треба да ја постигнеме“,
рече францускиот претседател.