За вечерва е најавено и обраќање на американскиот претседател Џо Бајден
Авганистан не смее повторно да стане прибежиште за терористите, порача францускиот претседател Емануел Макрон во телевизиско обраќање до нацијата денеска.

„Тоа е предизвик за меѓународната стабилност и мир и ние ќе сториме се со Русија, САД и Европа за ефикасна соработка, бидејќи нашите интереси се исти“,
рече Макрон.
Говорејќи од Форт де Брегансон, летната претседателска резиденција, Макрон рече дека е должност на Франција да ги „заштити оние што ѝ помогнаа: преведувачи, возачи, готвачи и многу други“.
Во обраќањето кое траеше нешто повеќе од десет минути, Макрон уште рече дека дестабилизацијата на Авганистан може да доведе до мигрантски бран кон Европа.
„Затоа, ние ќе воспоставиме иницијатива, со Германија и другите европски земји, за да изградиме робустен, координиран и обединет одговор без одлагање, што ќе вклучува борба против нерегуларните движења“,
рече тој.
За борбата во Авганистан рече дека била „праведна“ и дека таму имале само еден непријател: тероризмот.
Во секој момент се очекува и обраќањето на американскиот претседател Џо Бајден, кој попладнево по американско време се врати во Вашингтoн од летната резиденција во Кемп Дејдив, откако ситуацијата во Авганистан стана хаотична, откако Талибанците вчера го зазедоа Кабул.