„Ја изразив мојата длабока загриженост за нуклеарната програма на Иран. И еве повторно барам – Иран никогаш не смее да има нуклеарно оружје и од него зависи давањето гаранции дека неговите намери се мирни“, напиша на Икс францускиот претседател Емануел Макрон информирајќи дека телефонски разговарал со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска информира дека имал телефонски разговор со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан за ослободувањето на, како што вели, нехумано затворените француски граѓани и за иранската нуклеарна програма.
Во објава на социјалната мрежа Икс, Макрон напиша дека Франција и нејзините европски сојузници ќе ги забрзаат преговорите за нуклеарната програма на Иран.
Францускиот претседател вели дека во разговорот со својот ирански колега ја пренел својата длабока загриженост поради нуклеарната програма на Иран. Макрон го повторил и своето барање дека мора да бидат ослободени француските државјани Сесил Колер и Жак Пари, кои беа уапсени во мај 2022 година под обвинение за учество во протестите на иранските наставници.
„Нивното нехумано затворање е неправедно. Чекам да се вратат во Франција. Исто така, ја изразив мојата длабока загриженост за нуклеарната програма на Иран. И еве повторно барам – Иран никогаш не смее да има нуклеарно оружје и од него зависи давањето гаранции дека неговите намери се мирни“,
вели Макрон.
Макрон е убеден дека постои излез од војната на Иран и Израел, како и можност за избегнување на поголеми опасности.
„За да го постигнеме тоа, ќе ги забрзаме преговорите што ги започнаа Франција и нејзините европски партнери со Иран“,
напиша тој.